Бизнис
23. August 2019 - 17:08

Македонија и Косово се уште без договор за забраните за увоз

Ниту Косово го испорача потребниот извештај за здравствената состојба на икрите, ниту се деблокираше трговската размена помеѓу Македонија и Косово. Иако на состанокот што се одржа во понеделникот во Приштина, ресорните министри од двете држави се договорија до крајот на неделава Косово да ги обезбеди потребните документи, што е предуслов за повлекување на забраните за увоз, тоа сè уште не се случи.

Министерот за економија Бектеши е дециден дека земјава нема да ја повлече забраната за увоз доколку Косово не обезбеди докази за надгледување и контрола на здравствената состојба на икрите и младите риби. Тој до својот косовски колега, министерот за трговија Шаља, испрати и официјално писмо.

Веднаш штом целата потребна документација е достапна и дистрибуирана до надлежните органи во Република Северна Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе формира работна група која ќе изврши посета на терен со цел да се провери фактичката состојба и усогласеноста со сите потребни стандарди со цел да се овозможи да се дозволи внес на аквакултурата на територијата на нашата земја.

Бектеши очекува согласно договорот, Косово да ја повлече забраната за увоз на компири и мед од земјава, што тамошните власти ја воведоа како контрамерка на македонската. Забраната за увоз на македонските производи стапи во сила минатиот петок.