Македонија
24. September 2019 - 21:31

Македонија и Бугарија ги утврдуваат приоритетите за финансирање на проекти од ИПА програмата

Преку јавни расправи  претставници од пограничните региони на Македонија и Бугарија ги утврдуваат приоритетите за финансирање на проекти од ИПА програмата за периодот 2021 - 2027 година.

Расправите на кои присуствуваат  сите чинители од двете засегнати страни треба да дадат многу појасна слика кои се проектите кои имаат приоритено значење за жителите од прекуграничните региони преку кои ќе се подобри квалитетот на нивното живеење. Оваа програма се имплементира 14 години, а досегашните искуства од нејзината реализација биле позитивни.

,,Во тeкот на овие изминати  14 години од имплементација на програмата успешно се соочуваме со сите предизвици што се случуваат на терен, секојдневно ги слушаме потребите на граѓаните и на сите други инволвирани и заинтересирани страни. Сето тоа го потврдуваме со реализација на повеќе од 150 проекти“, вели Татјана Јаневска, Министерство за локална самоуправа.

,,Целта на ова средба е да слушнеме какви се потребите на локалната заедница, кои се вашите проектни идеи кои преку прекугранична соработка ќе можеме да ги реализираме,  вели Десислава Георгиева - Министерство за регионален развој на Бугарија.

На македонска страна средствата од ИПА програмата ги користат над еден милион жители од три плански региони, односно Свероисточниот, Источниот  и Југоисточниот регион. Интерес за финансирање преку оваа програма има од општините, преку невладините па се до синдикални организации, а областите во кои се финансираат проектите се различни.