Бизнис
6. November 2018 - 16:21

Македонија и 15 земји од Централна и Источна Европа ќе соработуваат со Кина на полето на иновациите

Македонија и 15 други земји од Централна и Источна Европа, заедно со Кина ќе соработуваат на полето на иновациите и новите технологии, за што усвоија заедничка изјава во рамки на третиот форум „Sarajevo Unlimited 2018“, што се одржува од 5 до 7 ноември во Сараево, Босна и Херцеговина.

Фондот за иновации и технолошки развој информира дека министрите и официјалните претставници на Македонија, Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Кина преку заедничкиот документ ја истакнуваат важната улога на овој вид соработка и го поздравуваат досега постигнатиот напредок во поглед на иновациите и технолошкиот напредок на билатерално и мултилатерално ниво. Државите се обврзуваат и понатаму да ја засилуваат соработката, истовремено искажувајќи посветеност на реализација на започнатите активности во овие земји во споменатите области.

– Владата на Република Македонија во 2018 година ја зголеми финансиската поддршка за иновации и технолошки развој за 13 пати или за 1300 проценти споредено со изминатите четири години. Воспоставени се три бизнис акцелератори и неколку програми за развој на иновации кај младите. Имаме голем интерес за развој на регионални програми и проширување на билатералната соработка со сите земји од 16 + 1 иницијативата, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) обраќајќи се на денешната панел дискусија организирана во рамките на форумот на тема на „Можностите за иновативна соработка под чадорот на иницијативата „16+1’“.

Преку оваа иницијатива, Кина го постави фокусот на три примарни области за економска соработка: подобрување на бизнис инфраструктурата, високо развиени технологии и зелени технологии, како и полиња во кои соработката со академската фела е од примарно значење. Надоврзувајќи се на оваа цел, првиот човек на ФИТР ја истакна важноста на новите научни сознанија во поглед на раст и развој на бизнисот.

-Наша цел е да развиеме 100 до 150 успешни иновативни компании дома, да креираме успешни примери и потоа да ги поврземе со други компании од Југоисточна Европа, сѐ со цел креирање повеќе можности. Имаме голем број компании што користат истражувачки кадри и факултети, па следна фаза ни е да ги вклучиме и универзитетите. Знаеме дека партнерството меѓу академијата и бизнисот е клучна, а во таа насока во моментот го градиме Технолошкиот парк во Скопје, истакна Деспотовски.

„Sarajevo Unlimited 2018“ претставува регионален форум за иновација, технологија и претприемништво, прв од ваков тип во регионот. Целта на настанот е создавање платформа што ќе ги претстави и потенцира успешните приказни на она што веќе е постигнато во регионот во однос на имплементирање на иновациите во образованието и бизнис еко-системот, но и поефикасно поврзување на инвеститорите, пазарите и релевантните институции.

Во рамките на третото издание на фестивалот се случува и поврзување со уште една важна иницијатива, „16+1“. Целта на Кина со оваа Иницијатива е да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји членки на ЕУ и петте балкански земји во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.