Loading Video...
Фудбал
18. July 2019 - 18:34

Македонија ЃП го завршија својот настап на европската сцена

Фудбалерите на Македонија ЃП го завршија својот настап на европската сцена. 
 
Тие попладнево во реванш дуелот од 1-то квалификациско коло за Лига Европа загубија од Алашкерт со 0:3 откако на првиот натпревар на гостински терен беа поразени со 1:3
 
Стрелци на головите за ерменскиот тим беа, Урош Ненадовиќ (21.минута), Тиаго Галвао (68) и Тарон Восканијан (74).
 
Пред елиминација е и дебитантот на евро-сцената, екипата на Академија Пандев која на гостувањето во Мостар (БиХ), кај Зрињски ќе има невозможна мисија да надополни негатива од 0:3 по првиот меч одигран во Скопје. Реаванш дуелот во Мостар започнува од 19 часот.
 
Шанса за пласман во следното коло ќе бара составот на Шкупи кој вечерва од 20 часот и 30 минути на арената „Тодор Проевски“ ќе го одигра реванш дуелот против незгодниот ерменски Пјуник. 
 
Екипата на Шкупи има позитивен резултат од гостувањето во Ерменија каде првиот дуел заврши 3:3, но тоа не е гаранција за прогрес во следната рунда, свесни се во таборот на скопската екипа. 
 
Инаку, во 2-то квалификациско коло за Лига Европа ќе продолжи Шкендија која беше елиминирана од Лигата на шампионите од Номе Каљу (Естонија) . Тетовци во Лига Европа за противник ќе ја има екипата на Дуделанж од Луксембург.
 
Натпреварите од втората рунда ќе се играат на 25 јули и реваншот на 1 август.