Македонија
4. May 2018 - 15:09

Љубовта на Гоце Делчев – Јанка Охриѓанката, писмо од тајната вереница на Гоце Делчев

Ексклузивно писмо на Јустинијана, Јанка Каневчева, тајната вереница на Гоце Делчев

Според писмото на Јустинијана (Јанка) Каневчева од Охрид, тајна љубовница, односно тајна вереница на Гоце Делчев, убиството на нејзиниот Гоце „медиумски“ се подготвувало цела година однапред.

Имено, загрижената учителка Јанка на 8 февруари 1902 година пишува писмо, кое следниот ден го испраќа до редакцијата на софискиот весник „Дело“, барајќи да се демантираат гласините за наводното убиство на Делчев.

Во тоа кратко и досега непознато писмо, Охриѓанката Јанка Каневчева, жената која Гоце неизмерно ја сакал, пишува:

Почитуван редакторе; Ви испраќам во поштенски марки претплата за три месеци на Вашиот весник „Дело“. Ве молам, ако е возможно, да објавите еден демант на распространетите лажни гласови дека господинот Гоце Делчев бил убиен.

Ако е можно тоа да се објави веднаш и весникот да ми се испрати на адреса:

Пловдив, Петар Мутавчиев, учител. Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив!

Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа.

Потоа, на крајот од писмото, Јанка пишува дека писмото го пишува во Софија на 8 февруари, и „останува со вера“ дека демантот ќе се објави.

А таа добро знаела, бидејќи постојано била во контакт со својот сакан, дека Гоце Делчев токму во тоа време, значи токму кога наводно е убиен, бил во обиколка на четите.

Неговата Јанка знаела дека веста е лажна затоа што Гоце, секогаш, кога имал и најмала можност, преку куририте испраќал абер до неа дека е здрав и жив. Таа знаела се: знаела каде е и кога ќе дојде. Кон крајот на истата 1902 година, кога којзнае по кој пат се проширил глас дека е убиен, Јанка со растреперено срце го пречекува во својот дом. Тогаш не демантира, зашто лагата е очигледна, а Гоце е до неа.

Пресреќна е што може да го прегрне; што може да му се порадува, што можат да бидат барем за кратко заедно, вљубени и среќни.

Но, за жал, нивните заеднички среќни мигови, траеле само неколку дена. По Божиќните празници таа 1902 година, Гоце Делчев, пред да замине повторно во Македонија, доаѓа на проштална вечера кај неа. Неговата Јанка му подготвува убава вечера, но му предава и црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка.

Јанка на шега му вели дека лавот е тој, а девојката е таа. Гоце гласно се смее, земајќи го знамето што таа самата го извезла и бродирала.

По вечерата Јанка го изненадува со убав Божиќен подарок – срмен џемпер што ќе го чува од студот по македонските планини. За да не и го расипе расположението, Делчев не и кажува дека тој е против востанието за кое веќе речиси јавно се зборува. Заминува од домот на својата вереница облечен во нејзиниот џемпер.

Истата ноќ се сретнува и со својот драг пријател и соборец, Михаил Герџиков, кој, на секаков начин, упорно се обидува да го убеди да го одложи своето итно заминување во Македонија.

Герџиков предлага заедно да заминат по неколку недели. Според неговите спомени, Гоце воопшто не сакал да разговара за никакво одлагање; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија.

На Герџиков му признал дека ќе стори се да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и не е подготвен за такво нешто. Во такви услови, тоа нема да биде востание туку кланица. Михаил Герџиков, неговиот верен другар и соборец, подоцна ќе запише дека никогаш не го видел Гоце толку тажен и загрижен.

Пред да замине го прегрнал и со солза во окото, му рекол: Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени.
Што се случува потоа со Гоце, Јанка и Михаил?

Убиството на Гоце

Куршумот го беше пронижал и џемперот што за Божик му го подарила Јанка Каневчева. Војводата Михаил Чаков во своите спомени, меѓу другото, пишува: Гоце лежеше ничкум. По заповед на командирот, војниците ги превртиле убиените. При превртувањето на Гоце, командирот Тефиков, Кукушанец, пријател на Делчев од детството, веднаш го познал, рекол:

Ете, тое е Делчев! Еден војник, кој бил до трупот, нервозно скокнал и замавнал со бајонетот кон главата на Гоце. Тефиков бесно го турнал и наредил веднаш да се казне.

Вереницата на Делчев, охриѓанката Јустинијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку години таа ќе ги помине во црнина, иако била девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци.

Пет години подоцна, откако се родиле чувства меѓу нив, Михаил Герџиков и предлага брак. Следната година им се раѓа ќерката Магда. До пред неколку години Магда, која тогаш имаше 96 години, живееше во Софија. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверните соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: Се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт и се борел за Македонија до својата смрт.

Вереницата на Гоце ја зел за сопруга, а Македонија, иако само на еден дел, по неколку децении станала независна држава. До крајот на својот живот останал верен на Гоцевата македонска револуционерна организација и на Јанка Каневчева, единствената голема љубов на Гоце Делев.

Но, за жал, семејството на Гоце ја доживува судбината на неговата Македонија: тој е во Скопје, гробот на неговата мајка Султана е во Кукуш, татко му Никола почива во Благоевград (Горна Џумаја), брат му Христо е погребан во Софија, а на брат му Милан не му се знае гробот…Нема ниту една фотографија на Гоце со браќата, сестрите или со роднините. Нема фотографија ниту со својата вереница Јанка Каневчева, девојката која толку многу ја сакал.

Таа има фотографија само со својот сопруг Михаил Герџиков и нивната ќерка направена во Охрид 1941-та година.