Македонија
20. November 2018 - 16:20

Лекарите бараат итни мерки, клиниките се полни со пациенти по компликации од загадениот воздух

И лекарите го кренаа гласот против алармантната загаденост на воздухот. Бараат ургентни мерки за болниците да не се полнат со пациенти. Сметаат дека системското загадување на градовите и нарушувањето на здравјето е поради немањето на долгорочна еко политика.

-Мора нешто ургентно да се презаеме. Досега се мереше, еве сега не работат ниту мерните станици и не знаеме со што не бомбардираат и нас, и нашите деца, вели проф. Др. Анѓелко Ѓорчев, пулмолог

Деновиве, најмногу болни на кои штетните  ПМ 10 честички им предизвикуваат отежнато дишење и намален капацитет на белите дробови има на Клиниката за Пулмологија. Кај оние со астма и ХОББ, пак, загадениот воздух може да доведе до дополнителни компликации и нивна хоспитализација во болница.

-Не само ПМ10 честичките туку и другите издувни гасови се опасни бидејќи доведуваат до оштетување на клетките а тоа граѓаните го чуствуваат како на пример со гребење на грлото, кивање, печење во очите, отежнато дишење, вели проф. др. Дејан Докиќ, директор на Клиника за Пулмологија.

Лекарите се согласни дека од загаденоста страдаат сите, но најзагрозени се децата кај кои  опасните честички предизвикуваат чести респираторни инфекции. Дека е неопходно преземање на мерки покажуваат и податоците од последниот извештај на Европската агенција за животна средина, во кој е наведено дека Македонија со 3000 смртни случаи како последица на аерозагадувањето е на прво место во Европа.