Балкан
12. April 2017 - 12:45

Кукан и Фленкенштајн загрижени за состојбата во Албанија

Европаратениците Едуард Кукан  и Кнут Фленкенштајн предупредија дека ситуацијата во  Албанија може негативно да влијае врз економијата на земјата, како и привлекувањето странски ивестиции и фондови од ЕУ.

Фленкенштајн на средба со албански новинари изјави дека политичката ситуација во земјата станува многу тешка и оти тоа ќе има свое влијание во економијата.

Задржувајќи се на правосудните реформи, известувачот за Албанија во Европскиот парламент, нагласи дека тие се многу значајни за земјата, но и за инвеститорите, бидејќи тие имаат потреба да веруваат во спроведувањето на законот и доколку ја немаат таа гаранција нема да инвестираат.

Повикувајќи се на информациите со кои располага, околу законските рокови, тој оценил дека доколку нема избори, земјата може да остане без претседател, без парламент, без влада.

-Не знам колку лошо ќе се одвива ситуацијата, но во една земја која во блиска индина постои опасност да остане без парламент, претседател, влада, нештата не се очекува да одат на добро. Оваа ситуација негативно влијае во економијата и довербата на инвеститорите, нагласи Фленкенштајн.

И европартеникот Едуард Кукан искажува загриженост за актуелната политичка ситуација и начинот на кој може да одат работите. И тој смета дека политичката ситуација може да влијае врз економијата.

- Има директна поврзаност меѓу политичката состојба во земјата, онаа меѓународната и привлекувањето фондови од Европа. Колку попозитивна состојба толку повеќе фондови може да се привлечат, изјави Кукан, додавајќи дека на Албанија досега економски оди добро.

Двајцата европратеници се против бојкотот во Парламентот од страна на опозицијата и додаваат дека единствено позитивно нешто е да има политички дијалог. Тие во истовреме упатуваат апел политиката да не ја држи во заложништво земјата.