Македонија
17. March 2016 - 15:13

Крводарителска акција во Тетово по повод Денот на крводарувањето во Македонија

Во Центарот за трансфузиологија од клиничката болница Тетово денеска беше организирана традиционалната крводарителска акција по повод 17 март Ден на крводарувањето во Македонија.

Трансфузиолозите нагласија дека дарувањето крв претставува здравје за крводарителите затоа што на тој начин им се обновуваат крвните зрнца.

Меѓу крводарителите беше и 45 годишниот Миле Трпески од Сараќино кој по 60 пат даруваше крв.

- Дарувам крв заради сопственото здравје за обновување на крвта, но и многу е добро кога некој ќе каже дека си спасил живот и пред се за мене е хуманоста во овој чин, изјави Трпески.

Градската крводарителна акција во Центарот за трансфузиологија ја посетија и нови и редовни крводарители. За сите крводарители кои над десет пати на овој начин ја покажале својата хуманост по завршувањето на администартивната процедура за добивање на соодветен печат добиваат можност анализите што ги вршат во тетовската клиничка болница да им бидат бесплатни, информираа од Центарот за трансфузиологија. Оттаму  апелираа до сите граѓани кои имаат можност и желба да даруваат крв  дека тоа можат да го сторат секој работен ден во просториите на трансфузиологија во тетовската клиничка болница.

Според статитиката на општинската организација на Црвениот крст од Тетово во 2015 година биле регистрирани околу 2000  нови крводарители од кои најголем број се од крвната група нулта позитив.