Македонија
23. јуни 2019 - 19:21

Крушево со атрактивни викенд – случувања

Викендов по трет пат во Крушево се организираше аутдор фестивалот „When in Krusevo“. Тури со планински велосипедизам, планинарење, возење кајак, јавање коњи, летање со тандем парглајдер, кампинг и многу други активности беа дел од годинешната несекојдневна атракција која ја посетија неколку илјади гости. Целта на фестивалот е свртување кон сопствените неистражени богатства и желбата Крушево да се промовира како примамлиива викенд-дестинација.

„Целта е промоција на градот, промоција на оваа прекрасна природна околина и секако здравите навики за младите и што повеќе луѓето во Македонија и секако надвор од Македонија да дојдат, да уживаат, да ги користат овие природни убавини и да видат дека во Крушево навистина има што да се прави“, истакна Антонио Кузманоски, организатор на фестивалот.

Учесниците на фестивалот велат дека Крушево има одлични можности за развој на овој вид на туризам кој е се поатрактивен во светот.

„Перспективите си велиме дека се добри, јас не се давам, секогаш сум позитивец и како што има сега нови хотели, нови вили, се надеваме дека ќе биде подобро“, вели една учесничка на фестивалот.

„Иако мислам дека целосно не е искористено како потенцијал Крушево, бидејќи стварно има многу што да понуди, од култура, до историја, до буквално рекреација со сите овие природни убавини што се околу градот“, истакна друга учесничка на фестивалот.

„Минатата година фестивалот го посетија над 2.000 гости, тоа значајно ја подобрува локалната економија“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Посетителите освен добро познатите тандем летови со парагладер, имаа уникатна можност и да се возат со каак на вештачкото езеро, но и за прв пат оваа година да јаваат коњи.

„Оваа година за прв пат почнуваме, на овој фестивал правиме една промоција на оваа нова идеа. Идејата ја добивме од самите барања на туристите“, истакна Димитар Велески, сопственик на коњите.

Фестивалот завршува денеска, а освен спортските активности секоја вечер имаше организирано и концерти и забави со познати македонски бендови и диџеи.