Македонија
15. May 2019 - 14:16

Кризниот штаб на општина Виница презема мерки против елементарни непогоди

Кризниот штаб на Општина Виница денеска ја одржа втората вонредна седница на која присуствуваа претставници од институциите што се задолжени да реагираат во случај на елементарни непогоди.

Состанокот се одржа по иницијатива на градоначалникот Ивица Димитров, при што беше констатирана актуелната состојба во општината по вчерашните обилни врнежи од дожд и зголемениот доток на вода во речните корита, како и најавите за нови врнежи до крајот на неделата.

– Сите институции под надлежност на општината во текот на денот се задолжени да назначат одговорни лица кои ќе бидат мобилни 24 часа во случај на евентуални поплави. Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и противпожарната единица треба да ја проверат техничката исправност на расположивите возила и материјално-техничките ресурси. Исто така, комуналното претпријатие “Солидарност“ со сиот свој расположив капацитет треба да биде во фаза на подготвеност за брзо и ефикасно делување на терен, истакна градоначалникот Димитров.

На седницата на кризниот штаб е договорено да се направи обиколка на речните корита во општината, да се согледаат ризиците и потребата од евентуално делување и расчистување. Освен тоа задолжувања добија и вработените во Црвениот крст, Здравствениот дом и припадниците на Армијата да бидат подготвени за делување во случај на временски непогоди.

Заклучено беше и покрај релативното зголемување на водостојот во реките, засега нема опасности од нивно излевање, но состојбата ќе се следи во следните 24 часа и по потреба ќе се интервенира со преземање соодветни мерки.