Македонија
22. јуни 2018 - 16:23

Кривичниот суд во целост го прифати обвинението за 27.април - продолжи судењето за насилството во општина Центар

Двајца советници на СДСМ сведочеа за протестите пред Општина центар во 2013-та година. На прашања на СЈО раскажаа како 100-тина граѓани им се заканувале, ги навредувале и ги кршеле прозорците на општинската барака се со цел да ја спречат седницата на Советот за измени и поништување на детални урбанистички планови.

Двајцата советници на СДСМ денеска во судница препознаа тројца од обвинетите за кои тврдат дека на 7 и 10 јуни 2013 ги виделе во дворот на општината. Врз основа на ова, советниците заклучија дека протестите воопшто не биле спонтани, туку напротив, биле организирани и координирани од нивните колеги советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Адвокатите побараа судот да не го земе во предвид ваквото тврдење базирано на претпоставки и лични заклучоци на сведоците. На нивните прашања, советниците потврдија дека демонстрантите не ги повредиле ниту нив, ниту Шиповиќ кој како претседател на Советот на општина Центар неколкупати излегол надвор и се соочил со насобраните граѓани. На протестите советниците не забележале обележја на политички партии, а најголемиот дел од пораките биле со религиозна содржина.

За наводно организирање и поттикнување на насилните протести пред општина Центар од пред 5 години, на обвинителна клупа седат вкупно 11 лица. Меѓу обвинетите се и екс-премиерот Груевски, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиевски и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.