Македонија
28. October 2017 - 13:39

Кривична за прилепчанец кој со пријавување лажен стечај ја оштетил УЈП

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против  Б.С. (53) од Прилеп осомничен за кривично дело „лажен стечај“.

Пријавениот како  основач и сопственик на правниот субјект „Ридарец фуд“ ДООЕЛ Прилеп, со намера да ја избегне обврската за плаќање кон Управата за јавни приходи, по основ прекршочен налог во висина од 153.750 денари, како и обврската за радиодифузна такса од 1.570 денари, на 31 октомври 2014 година преку управителот С.М. поднел предлог за спроведување стечајна постапка за правниот субјект пред Основен суд Прилеп.

Како причина било наведено дека во услови на голема конкуренција правното лице не работи и не остварува никакви приходи за да може да ги покрива трошоците во работењето.

- Тоа не било точно, бидејќи единствената сметка што ја имал правниот субјект во една банка никогаш не била блокирана. За да ја избегне обврската за плаќање кон Управата за јавни приходи, пријавениот на 24 ноември 2014 година од сметката на правното лице повлекол 234.000 денари по основ трошоци, за кои немал економска оправданост, ниту соодветна книговодствена евиденција, соопшти МВР.

Исто така, на 30 октомври 2014 година од пријавениот било основано ново правно лице „Фурна Ридарец“ ДООЕЛ Прилеп со иста дејност и со исто седиште како и правното лице Ридарец фуд ДООЕЛ Прилеп. Со дејствијата што ги презел пријавениот предизвикал штета кон Управата за јавни приходи во висина од 155.750 денари.