Македонија
17. January 2021 - 13:45

Ковачки: Македонија веќе 2,5 години е без највисок воен претставник во НАТО

Македонија веќе 2 и пол години е без највисок воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел. Причината за тоа е што кандидатот што Шекеринска го предложи и Пендаровски го прифати, НАТО го одби. Деновиве, поради безбедносни причини, НАТО ни вратил уште едно лице кое било испратено и работело веќе година дена во Брисел.

Шекеринска и Пендаровски испраќаат лица за претставници во НАТО, кои не ги поминуваат нивните филтри. Ова е меѓународен и дипломатски скандал и со него се нанесува штета на угледот на државата.

Јавно ги повикуваме министерот Шекеринска и претседателот Пендаровски да кажат дали се испочитувани процедурите за избор и упатување на лица на мисии во странство, и ако не се, зошто не се? Да се произнесат кој и зошто ги прекршил процедурите?

НАТО почива на доверба помеѓу сојузниците. Кој ви даде за право да ја рушите со години градената доверба помеѓу Македонија и НАТО?

Шекеринска и Пендаровски мора да понесат одговорност за овој огромен скандал што не компромитира како земја.

Г-ѓо Шекеринска, процесот на проверка на кандидатите пред нивно упатување е нормален и потребен. Но, неодговорно e да го извадите името на кандидатот во јавност пред да ги помине сите проверки. Исто така, неодговорно e да го носите тоа лице на средби со министер за одбрана на САД или со генералниот секретар на НАТО. Така правите штета и на лицето и на институциите каде сте го носеле, а пред се и за нас најважно – правите штета на Македонија.

Втора работа, далеку понесериозно и неодговорно, е да испратите лице без соодветни проверки на работни задачи во Брисел и после година дена истото да Ви биде вратено поради безбедносни пречки.

Трета работа, најзагрижувачка и крајно неодговорна, е што токму кандидатот за највисок воен претставник, внимавајте – бил и претседател на комисијата за избор на лица за упатување во мисии во странство (вклучително и за мисијата на Македонија во НАТО, односно одлучувал за испраќање и на второто лице кое НАТО го врати).

Случајно ли е, намерно ли е или станува збор за аматеризам и неспособност?

Господо од власта, можете да си одмолчите или да дефокусирате, но за оваа дискредитација на државата, Одговорност мора да има!

Додека вие молчите, за целото времетраење на вашата апсолутна власт и уста полна со НАТО, државата нема свој највисок воен претставник во Алијансата.

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации ВМРО-ДПМНЕ