Балкан
3. January 2017 - 13:42

Косовските Срби се закануваат дека сами ќе формираат Заедница на српски општини

Претседателот на косовската коалиција Српска листа, Славко Симиќ изјави дека е „крајно време политичките претставници на Албанците на Косово да ги исполнат обврските кои ги превзеле во Брисел“.

Како што јави дописникот на МИА, тој нагласи дека ЕУ треба на многу јасен начин да им каже на „политичките лидери на косовските Албанците“ дека нема оправдувања, ниту време за доцнење во формирањето на Заедницата на српските општини во Косово.

- Институците и носителите на политички функции во Косово конечно треба да сносат одговорност за политичко одлагање и пречките кои во континуитет ги прават со поддршка на опозициските политички партии, за да го маргинализираат дијалогот од Бисел, изјави Симиќ

Според електронското изднание на приштинскиот весник „Експрес“, тој оцени дека треба да се спречат „лошите намери“ и ЕУ како посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, треба да реагира.

- Повеќе нема време за чекање. Ние треба тоа да го направиме со отворена и искрена соработка, преку заедничка работа и усвојување на указот за формирање на ЗСО и нејзино почитување, како што е потпишано во Брисел, но и почитување на договорот потпишан во Приштина меѓу коалициските партнери за време на формирањето на Владата, оцени Симиќ.

Тој потсетува дека Владата на Косово е формирана врз основа на договорот за коалиција, кој предвидува формирање на ЗСО, процес, што, според него, уште „многу одамна требаше да биде завршена работа“.

- Формирањето на Заедницата на српски општини е предвидено со првиот договор за нормализција на односите меѓу Србија и Косово од 19 април 2013 година, потсетува Симиќ.

Според него, доколку Србите не бидат убедени дека кај Албанците постои волја за формирање на Заедницата, повеќе „нема никаква смисла да се чекаат и натаму“ и ќе ја формираат Заедницата на српски општини на 15 февруари.

- Треба да почнеме со формирање на Заедницата на српски општини, бидејќи навистина нема смисла да ја чекаме Приштина,-изјави Симиќ.

На 15 февруари се прославува Денот на државноста на Србија, во знак на сеќавање на почетокот на Првото српско востание во 1804 година, но и на денот кога во 1835 година во Крагуевац е донесен т.н. „Сретенски устав“, што го означи почетокот на современата српска држава.