Балкан
28. јуни 2016 - 20:34

Косовски опозициски пратеници поставија симболи на Косово на црногорска територија

Пратеници во косовското Собрание од редовите на опозициското националистичко движење Самоопредлеување денеска на црногорска територија поставија албанско знаме и табли со натписи „Република Косово“ и „Добре дојдовте“.

Како што јави Танјуг, неколку часа по поставувањето, знамето и таблите биле отстранети од страна припадници на црногорската полиција.

Претставниците на Самоопределување сопштија дека ги поставиле ознаките со цел да покажат која е „вистинската граница“ меѓу Црна Гора и Косово, а не онаа што е утврдена со договорот за демаркација меѓу Подгорица и Приштина. 

- Поставувањето на ознаките е начин граѓаните да се спротивстават на подарувањето на територија на Црна Гора, напиша портпаролот на Самоопределување, Фисник Исмаили на својот профил на Фејсбук.

Косовската опозиција жестоко се противи на договорот за демаркација на границата меѓу Црна Гора и Косово, обвинувајќи ја Владата во Приштина дека со него дел од косовската територија и ја препуштила на Подгорица.