Свет
16. November 2020 - 13:32

Коронавирусот циркулирал во Италија уште во септември 2019 година

Анализа на примероци од 959 луѓе, сите без симптоми на Ковид-19, кои биле дел од скринингот за тумори на белите дробови, во периодот од септември 2019 до март 2020 година, покажала дека 11,6 отсто од нив или 111 од 959 лица имале во себе антитела на коронавирус, се наведува во заклучокот на Институтот за онкологија во Милано, во соработка со Универзитетот во Сијена.

„ Анализиравме и проучивме присуство на специфични антитела поврзани со појава на вирус во примероци од крв кај 959 асимптоматски лица поврзани со Ковид-19, кои беа дел од скрининг за тумори на белите дробови. Специфични антитела на Сарс-Ков-2 РБД се откриени кај 111 лица од 959 (11,6 проценти) заклучно со септември 2019 година (14 проценти) со група позитивни случаи (> 30 проценти) во втората половина на февруари 2020 година, со најголем број беше во Ломбардија (53,2 проценти) “, соопшти Институтот.

Од 111 случај, 23 се од септември 2019 година, 27 од октомври, 26 од ноември, 11 од декември, три од јануари 2020 година и 21 лице од февруари. Позитивните луѓе се претежно од Ломбардија, потоа од Пиемонт, Лацио, Емилија Ромања, Тоскана и Венето.

„Оваа студија покажува неочекувано рано присуство на вирусот Сарс-Ков-2 кај асимптоматски луѓе во Италија, многу месеци пред откривањето на првиот пациент. Потрагата по антитела на вирусот во лицата без симптоми уште пред прогласувањето на епидемијата на Ковид, би можела да ја промени историјата на целата пандемија “, може да се прочита во објавената студија.

Масимо Гали, директор на Клиниката за инфективни болести „Луиџи Сако“ во Милано, за медиумите изјави дека се сомнева дека вирусот е „толку стар“ и дека е присутен во Италија од септември 2019 година.

„Тешко ми е да поверувам дека вирусот е толку стар и чекам конкретни потврди. Ако тој навистина постоел од септември 2019 година, потребно е да се разбере како тој не ги создаде првите жаришта. Треба да се оди полека чекор по чекор“ изјавил Гали.