Македонија
15. July 2016 - 16:01

Координативен состанок во МВР за приоритетните реформи

Активностите кои се преземаат за реализација на итните реформски приоритети во областите во  надлежност на Министерството за  внатрешни работи, а кои  се поврзани со процесот на европска интеграција, како и статусот на релевантните проекти финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) беа тема на денешниот трет по ред координативен работен состанок на вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми и вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски со министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

- За време на состанокот соговорниците посебно се осврнаа на препораките за реформа на системот за следење на комуникации како и на активностите кои се преземаат за зајакнување на  борбата против корупцијата и организираниот криминал, стои во соопштението.

Денешниот состанок е дел од циклусот, ЕУ институционални средби, чија цел е да се обезбеди дополнителна координација на реформите во процесот на европската интеграција. На овој состанок му претходеа состаноци со Министерството за информатичко општество и јавна администрација и со Министерството за правда.