Македонија
5. October 2024 - 16:43

„Конти“ - Лесна заработка или тешка измама?

Лесна заработка на пари преку гледање видеа и кликање лајкови звучи примамливо, но илјадници Македонци кои поверувале дека на овој начин ќе станат богати сега се измамени. 

Деновиве за Конти се зборува секаде. Многумина, пак, првпат слушаат за овој поим. Тоа е апликација која работи на пирамидална шема. На почетокот, луѓето кои ќе се приклучат можно е да направат добра заработка. Но, за да заработите, прво треба да вложите. Конти нуди пакети од 50 до 3 илјади долари. Овие пари всушност одат кај постарите членови.

Затоа и постојано им се потребни нови луѓе. Заработка се остварува со кликање лајкови на видеа, неколку пати во денот. Лајковите се претвораат во кредити кои потоа во вид на криптовалути се добиваат на онлајн платформата Бајненс и оттаму во рок од 25 дена можат да се подигнат во вистински пари во менувачница.

За исплата на крипто сметката, според пишувањата на социјалните мрежи, се чекало до 72 часа, но од пред неколку дена голем број граѓани пишуваат дека средствата не ги добиле.

На интернет се шири дел од разговорот во група на Телеграм, во која, наводно, админот им пишал на останатите членови „голема е веројатноста трансакциите да не се реализираат и тука нема што да се крие. Никој не беше натеран со сила, ни да вложува, ни да се залетува. Парите доаѓаат и си одат, да сме живи и здрави“.

Во групата има над 14.200 членови од Македонија. 

Познавачите предупредуваат на внимателност.

„Можам да констатирам дека во Македонија финансиската писменост е на многу ниско ниво. Луѓето се лажат по брзи пари, а тоа не постои. За некој, од една страна да добие пари, од друга страна некој мора да изгуби пари. Мора да им е јасно тоа. Не постојат брзи пари и во Македонија се повеќе гледаме ваков тип измами“ – Иван Ивановски, брокер на берза

Според Ивановски, по ваквата измама обично следи уште една, односно се појавуваат лажни адвокати кои на оштетените им ветуваат дека ќе им ги вратат изгубените пари.
 „Не може некој да ви дава пари за гледање видеа или реклами, мислам, смешно звучи. Дури што е уште поинтересно, кога станува збор за вакви измами, има уште една измама каде што на граѓаните им се нудат „адвокати“ дека ќе им ги вратат парите од таа шема и повторно наседнуваат на истата шема“ – Иван Ивановски, брокер на берза

Министерот за внатрешни на прашање на Сител вели дека засега нема пријава во МВР, но изрази загриженост.

„Кривична пријава официјално не е поднесена. Но, морам да изразам една огромна загриженост за ваквиот тип пирамидален инвестиционен финансиски потенцијален криминал којшто се случува по не знам кој пат во Македонија. Упатувам апел граѓаните особено да внимаваат за ваквиот тип инвестициони вложувања, да се консултираа со експерти од областа, да се обратат до МВР. Има експерти во МВР коишто може првично да дадат проценка дали станува збор за потенцијална измама“ – Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Пирамидалните шеми носат ризик од рушење, што во превод значи колку повеќе расте пирамидата, толку е поголема можноста да падне. Кога креаторите ќе видат дека системот е нестабилен можат да ја затворат апликацијата и да си ги земат сите пари за себе.