Loading Video...
Кошарка
12. September 2022 - 10:41

Комплетирани двојките за четвртфиналето на Евробаскетот

На Европското кошаркарско првенство чија завршница се игра во Берлин, денеска е слободен ден.   Откако вчера беа комплетирани осминафиналните натпревари, познати се четирите пара за четвртфиналната рунда. 
 
Голем куриозитет кој сигурно влегува во рубриката „верувале или не“ се постигнатите резултати. Дури три од четирите средби завршија со ист резултат 94-86, а малку недостасуваше така да биде и на последниот, но Грција ја победи  Чешка со конечни 94-88.
 
Големо изненадување приредија кошаркарите на Италија. Иако Азурите важеа за аутсајдер во дуелот со Србија, сепак, избраниците на Џанмарко Поцеко покажаа огромен победнички карактер. 
 
Откако Поцеко беше исклучен и емотивно ја напушти клупата, тоа како да им влеа дополнителен мотив на неговите кошаркари, па во последниот период едноставно го надиграат фаворизираниот противник.  Италија славеше со конечни 94-86 , а белег на мечот остави италијанскиот селектор Поцеко кој со своите избраници емотивно го прослави пласманот во четвртфиналето. 
 
Таму пак Италија за противник ќе ја има Франција во натпреварот закажан за во среда, кога ќе играат и Словенија и Полска. 
 
Победниците од овие дуели ќе ја формираат втората полуфинална двојка, додека првата ќе ја дознаеме во утре, откако своите четвртфинални натпревари ќе ги одиграат Шпанија и Финска односно домаќинот Германија кој за противник ќе ја има Грција. 
 
1/4 ФИНАЛЕ
вторник 
ШПАНИЈА - ФИНСКА 17.15 ч.
ГЕРМАНИЈА - ГРЦИЈА 20.30 ч.
среда
ФРАНЦИЈА - ИТАЛИЈА 17.15 ч.
СЛОВЕНИЈА - ПОЛСКА 20.30 ч.
 
1/2 ФИНАЛЕ  (петок)
Германија / Грција - Шпанија / Финска
Словенија / Полска -  Франција / Италија