Македонија
18. April 2021 - 16:45

Комисијата утре ќе одлучува за продолжување на рестриктивните мерки

Утре ќе се знае дали и понатаму ќе има полициски час, а угостителските објекти да останат затворени. На утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се разгледува епидемиолошката состојба со коронавирусот, по што лекарите треба да дадат препорака до владниниот Кризен штаб дали има можност за олабавување на рестрикциите.
 
Според информации на Сител не е исклучена можноста ваквата одлука да биде продолжена за уште една недела до 27-ми април, но крајниот збор ќе го има Владата.
Здравствените власти во текот на неделата во неколку наврати истакнаа дека се стабилизира бројот на новозаразени со Ковид и попушта притисокот врз болниците, но ситуацијата и понатаму е сериозна. 
 
Изминатото деноноќие нови 42-ца пациенти биле хоспитализирани во Ковид Центрите во главниот град, а на болничко лекување ширум државата има 1687 граѓани со компликации од вирусот, 100-тина помалку од пред десет дена кога го имавме пикот.
 
Утре попладне преку Софија во земјава ќе стигнат и првите 10.000 дози од Фајзер преку директните договори со компанијата.
Од Министерството за здравство информираат дека со оваа количина ќе продолжи вакцинацијата на повозрасните согласно националниот план за имунизација.
 
Досега во земјава се аплицирани околу 38.600 дози, а на располагање има 14.000 вакцини, 10.000 Астра Зенека, 3.000 Спутник, и 1000 од кинески Синофарм.