Бизнис
19. April 2021 - 16:56

Кога ќе се применат мерките од 5-тиот пакет?

Ќе земат ли работниците плата пред Велигден? Петтиот пакет мерки беше изгласан вчера, но за парите да стигнат на сметките на работниците ќе треба повеќе време. Според планираната динамика компаниите ќе можат да аплицираат за платите за февруари и март до 30 април, што значи дека барем за оние кои ќе аплицираат на крај,  платите за работниците нема да стигнат за празникот.

Од УЈП велат: Барањата  ќе може да се поднесуваат електронски  преку системите на Управата за јавни приходи  по објавата на законите и подзаконските акти односно Правилниците за формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците и Барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства, во Службен весник на Република Северна Македонија и нивно влегување во сила. Барањата до Управата за јавни приходи ќе се поднесуваат најдоцна до 30-ти април 2021 година.

Министертсвто за финансии утре ќе ги објави правилниците, по што, целата работа ќе премине на УЈП. По поднесувањето на барањето, Управата има рок од три дена да одговори, платата се прави дури потоа. Значи, во идеални услови, ако некоја фирма аплицира задутре, плата ќе подели наредната недела. Тие што ќе аплицираат наредната недела, плата ќе делат по велигденските празници.

Со петтиот пакет мерки плата за фeвруари и март треба да добијат околу 60.000 работници. Помошта е скалеста и се движи од 14.500 до 21.700 денари по работник. Заради доцнењето на мерката 6000 работници заминаа на принуден одмор.