Македонија
24. May 2022 - 16:31

Ќе ги укине ли државата ПЦР тестовите за оперативни зафати?

Зошто се уште се бара ПЦР тест за операција кога речиси сите Ковид мерки се укинати?

Ова прашање го поставуваат многу граѓани кои имаат закажано хируршка интервенција на Клинички. 

Пациенти се револтирани бидејќи веќе месец дена нема никакви ограничувања на граничните премини, ниту во затворените објекти и на настани, а тие мора приватно да го платат тестот кој чини околу 2000 денари бидејќи треба да го направат ден пред приемот во болница. 

Според информации на Сител некои Клиники за да не ги изложуваат пациентите на дополнителен трошок признаваат и брз Ковид тест кој е неколку пати поевтин.

Дополнително сите пациенти мора да носат маски во здравствените установи, бидејќи оваа мерка и понатаму е на сила. 

Дали Комисијата за заразни болести ќе препорача укинување на задолжителен ПЦР тест пред операција од Министерството за здравство велат дека за ова веќе било дискутирано на комисијата.

-КЗБ има дискутирано по однос на укинувањето на задолжителен ПЦР пред интервенција и се очекува на некој од наредните состаноци  да се донесе соодветен заклучок согласно стручните проценки, стои во одговорот од МЗ.

Инаку Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок утре, освен за состојбата со Ковид членовите ќе дискутираат и за мајмунските сипаници.