Македонија
23. July 2021 - 21:16

Казни или награди? Како Македонија ќе ги мотивира граѓаните да се вакцинираат?

Ќе го следи ли Македонија примерот на некои земји, кои со подароци и финансиски стимулации се обидуваат да ја зголемат вакцинацијата кај граѓаните? По најавените рестрикции од Министерството за здавство не ја исклучуваат можноста да ја сменат тактиката.

- Се разгледуваат различни опции за зголемување на јавната свест за важноста на вакцината за Ковид-19. Во тек се јавни кампањи за безбедноста и ефикасноста на вакцините. Свесни сме дека можеби и покрај сè што правиме, интересот за вакцинација нема да се зголеми, затоа мораме да размислуваме за некои други алтернативни решенија, велат од здравство.

Немоќни да се натераат лицата на масовна вакцинација, некои државни со нестандардни методи – нудат бесплатен ручек, сладолед, подароци, па се до авионски билети, пари, но и отказ за невакцинираните.  

Кина покрај агресивната кампања, почнаа да делат јајца, брашно, ваучери за кино, па се до забрана до болници, школи и јавни услуги за лицата кои не се вакцинирани.

Речиси сите држави од САД на граѓаните им понудија од 100 па се до 10 милиони долари, но и беплатни авио билети, школарини, картички за подароци, билети за спортски натпревари и слично.

Франција со поинаков пристап - Макрон најави суспензија или отказ за невакцинираните здравствени работници, а од следниот месец без ковид потврди нема да може да се влегува во ресторан или кафуле. Исто така ќе почне да ги наплаќа тестовите, кои до сега беа бесплатни.

Од соседните земји, Србија им даде 25 евра за сите кои ќе се вакцинираат, Црна Гора на пензионерите ќе им даде ваучер од 50 евра за туризам, додека Грција на младите под 26 години ќе им подели 150 евра. Дали е добра ваквата пракса? Психолозите велат - да, но неопходна е кампања за поголема едукација.

Инаку, бројки говорат дека заклучно со вчера вакцинирани се нешто над 481 илјади граѓани, од кои до денеска 2 дози примиле 318.900 граѓани.