Loading Video...
Ракомет
30. December 2019 - 15:34

Капитенот Лазаров задоволен од прикажаното на помладите

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, не го криеше задоволството од настапот на неговите помлади колеги во изминатите четири дуели, од подготовките за Европскиот шампионат, но потенцира дека селекцијата сеуште ја чека долг пат. 
 
„Среќен сум од она што го видов на подготвителните натпревари. Ми се допаднаа доста работи. Тоа покажува дека сме на добар пат и дека наскоро ќе бидеме конкурентни со сите. Но, не чека долг пат, по кој мора да поставиме високи цели на ова ЕП 2020 и ако ни се укаже прилика, не по секоја цена, да зграбиме шанса за што е можно повисок пласман“ вели капитенот Лазаров. 
 
Лазаров смета дека нашата репрезентација е во добра израмнета група според квалитетот, во која за противници ќе ги има Украина, Чешка и домаќинот Австрија, и дека има шанси да ги победи сите, но мора да се биде внимателен на секој меч. 
 
Со капитенот се согласи и голманот Никола Митревски, кој потенцира дека најважно е да се започне со победа. 
 
„Сакаме да почнеме со победа, за да ни биде полесен патот до вториот круг. Во групата нема изразит фаворит, но секој секого може да го победи. Ниту еден резултат нема да е изненадување“, изјави Митревски.
 
Својот шести настап на континенталните првенства, македонската ракометна селекција ќе го започнат со дуелот против Украина закажан за 10 јануари, по што на 12-ти ќе следува дуелот против Чешка, а на 14 јануари ќе игра против Австрија.