Македонија
26. November 2021 - 16:49

Канцелариите на „Беса Транс“ под клуч, инспекторите немале начин да направат увид

Неуспешен е обидот на инспекторите да извршат вонредна контрола во Беса Транс, компанијата во чија сопственост е автобусот од несреќата во Бугарија. Инспекторите наишле на затворена врата како во седиштето на фирмата во селото Рашче, така и во претставништвата на туристичката агенција.

Од Министерството за транспорт, кое завчера ја одзеде лиценцата на Беса Транс бидејќи опожартениот автобус не поседувал извод од лиценца, ги демантираат сите шпекулации во врска со документацијата на превозникот.

„За да појасниме, бројот 007017 е број на лиценца на превозникот Беса Транс БТБ за вршење на меѓународен превоз на патници.
Бројот 22679, со кој што шпекулираат одредени медиуми, а кој бил користен од опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс.
Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај“, пишува во соопштението од Министерството за транспорт.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара државата да спроведе вонреден технички преглед на сите автобуси во земјава, вонредна контрола на станиците за технички преглед, но и да се открие како кобниот автобус ја минал границата ако го нема неопходниот документ.

„Каде е моралната одговорност на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Зошто овие луѓе барем не понудија оставка поради морални причини“, вели Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, опожарениот автобус во изминатиот период границата ја минал 135 пати.