Јустинијан Први никогаш не го заборавил Таор
Јустинијан Први никогаш не го заборавил своето родно место, иако како цар имал премногу обврски. Ова тврдење археолозите го темелат на голем ќуп со царски печат на Јустинијан, кој во 2008 година го откри археологот Киро Ристов, што кажува дека римскиот император го помагал населението и со храна . Дека многу му значело родното место говори и податокот што императорот Таор го утврдил со бедем.
Јустинијан дошол на власт по смртта на својот вујко Јустин
За родителите на Јустинијан Први малку се знае. Но, познато е дека неговиот пат е тесно поврзан со неговиот вујко Јустин Први, кој бил родум од античката населба Бадарија, денешен Бадер, село кое се наоѓа на околу 4,5 километри од Таор. Користејќи ја позицијата на неговиот роднина, тој уште во раната младост заминал во Константинопол, седиште на Источното Римско Царство. Во главниот град, Јустинијан Први го добил најдоброто образование, за разлика од неговиот вујко, кој бил речиси неписмен човек. Се смета дека Јустинијан и дал правец на политиката на царството за време на Јустин Први.
Неговиот вујко, поради нападите на варварите на овие простори, уште како млад избегал во Константинопол, каде стапил во царската војска. Јустин Први учествувал во одбраната на главниот град и набрзо станал офицер, потоа заповедник на гардата, а на крајот и генерал на војската. Иако не бил писмен, Јустин Први важел за многу интелигентен човек. Тој никогаш не се оженил и немал свое потомство, а внукот од сестра му, Јустинијан, го чувствувал како свој син. По смртта на императорот Анастасиј, во 518 година, војската го поставува Јустин Први за цар.
Според историските наоди, Јустинијан дошол на власт по смртта на својот вујко Јустин Први во 527 година, кој во наследство му оставил многу пари што ќе му овозможи да ги реализира своите идеи. Како и секој што сакал да напредува во Источното Римско Царство, така и Јустинијан Први се идентификувал како Ромеј и го прифатил христијанството за своја религија. Воден од идејата и опсесијата за обединување на империјата, по долгогодишните војни во Италија и Далмација против источните Готи, во Северна Африка против Вандалите, а во југоисточниот дел на Шпанија против западните Готи, Јустинијан конечно во 555 година успеал накратко да воспостави власт врз териториите на некогашната Римска Империја. Но, за сметка на тоа, му ослабнала дунавската граница и границата кон Персија. Аварите, Антите и Словените, кои продреле во царството од север, направиле пустош на Балканскиот Полуостров. Тоа, пак, било повод за Јустинијан да го направи дунавскиот лимес, градејќи утврдувања за стационирање на војската за да го спречи продорот на варварите.
Последниот император што успеал да го обедини Западното со Источното Римско Царство
Освен што бил император, Јустинијан бил и врховен поглавар на Црквата. Тој многу му посветувал внимание на христијанството и во времето кога тој владее, доаѓа до вистински расцут на уметноста и архитектурата што била исклучиво христијанска. Тогаш биле изградени и познатите цркви „Света Софија“ во Цариград и „Сан Витале“ во Равена. Се смета дека Охридската архиепископија е наследничка на архиепископијата Јустинијана прима.
Јустинијан Први е забележан во историјата како последниот император што успеал да го обедини Западното со Источното Римско Царство. Тој бил најобразованиот човек во своето време кој извршил неопходни административно-управни реформи и кодификација на римското право. Во списите, Јустинијан го опишуваат како човек што бил непостојан, на моменти колеблив, полн со суета и цинизам. Но, неговиот карактер откривал личност со голем и сестран дух, кој поттикнал безброј прашања за просперитетот и напредокот на државата.
Од друга страна, пак, Јустинијан кај јавноста побудува интерес и поради неговиот брак со Теодора, која според едни извори била танчарка во јавна куќа, а според други дека била една од „дамите на ноќта“ што во тоа време биле многубројни. Но, она што засега е енигма од владеењето на Јустинијан е изградбата на градот Јустинијана Прима, кој археолозите сѐ уште не можат да го најдат!
Каде е Јустинијана Прима?
За животот на Јустинијан најмногу податоци има забележано неговиот современик, историчарот Прокопиј. Според неговите кажувања, императорот изградил голем град, напреден и достоен да биде метропола на целата област и на тој начин и се оддолжил на својата родилка.
Македонските археолози во 2000 година се сетиле дека можеби раскошниот град Јустинијана Прима, чиј ктитор бил Јустинијан, се наоѓа некаде во Скопје и неговата околина. А, за разлика од нашите стручни лица, Србите веќе 100 години работат на локалитетот Царичин Град кај Лебане за кој тврдат дека е всушност тој град. Нивното мислење го темелат на осум цркви што укажува на епископско седиште. Според нив, откриени се остатоци од брани, бедеми, аквадукти, базилики, опкружени со столбови со јонски капители (на еден од нив стои монограм на царот Јустинијан), голем базен издлабен во стена...
Но, нашите археолози го отфрлаат ова тврдење и сметаат дека градот Јустинијана Прима сѐ уште не е откриен. Една од претпоставките е дека Јустинијана Прима се наоѓа под Старата Скопска чаршија.
Дали некогаш ќе се открие дека Јустинијана Прима е во Македонија, останува да откријат археолозите.
Ново на Сител
-
„Јутјуб“: Кусите видеа ќе траат до три минути
-
Истражување: На кучето треба полека да му се говори
-
Модни трендови: „Рециклирање“ облека и модни додатоци
-
Нова промена на цените на горивата од полноќ
-
20-годишен скопјанец прегази пешак во скопско Марино
-
Приведен криумчар на мигранти, пронајдени 11 лица од Сирија
-
СДСМ бара одговорност за починатото бебе на детска клиника
-
Таравари: На терен се инспектори и членови на Комисијата за да се испитаат сите факти околу смртта на 14 месечното дете