Loading Video...
Кошарка
14. July 2019 - 16:17

Јуниорките претпоследни, нов дебакл на младинците, кадетите со несреќен поразени од Бугарија

Четири млади македонски кошаркарски селекции имаат свои настапи, две однов на континенталните првенства, а две со контролни средби.
 
На првенството за кошаркарки до 18 години што се одржуваше во Скопје, нашите јуниорки го освоија 21,место во конкуренција на 23 репрезентации и тоа со победите над Албанија вчера (77:64) и Косово денеска (86:65) во последниот меч.
 
Селекцијата од истата годишна возраст (18), но во машка конкуренција е домаќин на турнир во СЦ „Кале“. Избраниците на селекторот Тони Симиќ, по поразот од Бугарија, забележаа убедлива победа над Косово, а вечерва од 20 часот ќе играат против Албанија, што ќе биде и последен тест пред заминувањето за Ородеа, Романија каде од 26 јули  до 4 август ќе настапуваат во Б дивизијата на континенталниот шампионат. 
 
Младинците катастрофално го започнат настапот на првенството за играчи до 20-години што се одржува во Португалија.  Два убедливи порази претрпеа избраниците на селекторот Дарко Радуловиќ, кои во 1.коло загубија од Белгија со 39, а во второто од домаќинот Португалија со 34 поени разлика.  Двата дена одмор добро ќе им дојдат да ги консолидираат редовите, по што ќе следуваат дуелите со Луксембург (вторник) и Словачка (среда).
 
Најмладите, кадетите, кои се во Бугарија, веќе одиграа два натпревар со домашната селекција. Вчеравечер беа поразени со 95:74, а денеска несреќно загубија со 84-82 иако во најголемиот дел од мечот имаа предност (највисоката +18). Избраниците на селекторот Денис Дервишевиќ од Јамбол, патуваат за Габрово каде ќе одиграат уште три контролни средби преку кои ќе ја „брусат“ формата за настап во елитната, А дивизија на  Европското првенство во Удине, Италија, за кошаркари до 16 години што ќе се одржи во првата половина на август. 
 
Игор Трпески