Македонија
21. May 2022 - 20:02

Јаневска: Просветните работници се изиграни и манипулирани, договорот меѓу СОНК и владата не е соодветен на нивните барања

Се чини дека сите чинители во општеството и граѓаните заборавија зошто почна штрајкот на наставниците. Штрајкот на наставниците почна затоа што тие бараа нивелирање на нивните плати според минималната плата во државата, а тоа не се случи и затоа сметам дека се изманипулирани. Договорот меѓу СОНК и Владата не е соодветен на нивните барања, вели Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на договорот помеѓу владата и синдикатот кој што дојде после скоро три неделниот штрајк на вработените во воспитно образовните институции во Македонија, кои освен покачување на платите бараа и нивелирање на платите согласно зголемената минимална плата.

Таа во денешното гостување во централниот Дневник на Сител телевизија во „Тема на денот“, истакна дека договореното покачување на платите од 15% ќе биде на минималната нивна плата  која во основното образование е 14.754, а во средното 15.288, а не на плата усогласена со минималната, што беше едно од нивното клучно барање.

„Ова што е сега договор меѓу СОНК и владата не се однесува на минималната плата на државата. Минималната плата  во основно образование изнесува 14.754 денари, во средно образование изнесува 15.288 денари. Што значи минималната плата во образованието и процентот кои сега тие го  добија, 15% ќе се однесува  на овие минимални плати, не на минималната плата во државата. Процентот ќе почнеме да го сметаме, еве на пример во основното образование, на помалата сума на 14.700 и кусур денари, после тоа, со тој процент ќе се пресмета коефициентот според работното  место, задачите кои ги извршуваат наставниците, стажот и работното искуство и така ќе ја добијат на крај бруто платата и тоа воопшто не е во согласност со нивните барања. Нивните барања беа нивниот коефициент да се пресмета врз основа на минималната плата во државата, односно 18.000 денари“, истакна Јаневска.

Таа додаде дека начинот на кој што се дојде до овој договор е уште попонижувачки на просветните работници, затоа што Законот за помирување и мирно решавање на споровите требаше да се примени пред генералниот штрајк, а не после тоа.

Таа додаде дека Владата не го примени овој закон затоа што до последен ден не веруваа дека ќе дојде до штрајк на наставниците, но откако видоа дека веќе трета недела се протестира, а крајот на школската година и на матурите се ближи, одлучија да го применат овој механизам кој што, во секој случај требаше да се искористи пред, а не после отпочнување на штрајкот.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ