Македонија
21. November 2019 - 16:47

Јане Велковски го остварува сонот, од Њујорк повика да запре дискриминацијата

Сакам да пораснам во независен човек и затоа отстранете ги сите бариери од патот...Оваа моќна порака од седиштето на Обединетите нации ја упати 11 годишниот Јане Велковски од Скопје кој иако од раѓање е во инвалидска количка поради болеста, од Њујорк во цел свет одекнаа неговите зборови – Треба да направите се за правата на децата. Да нема дискриминација!!

- Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен, изјави Јане Велковски.

Врзаноста за инвалидска количка која Јане ја нарекува Формула, не му е пречка да ужива во животот и да прави се што сака. Но она што му дава посебна енергија и сила е фудбалот. Преку најважната споредна работа во светот, Јане ги запозна најголемите фудбалски имиња а тоа му помогна конечно во Македонија пациентие со спинална мускулна дистрофија да го добијат неопходниот лек.

-Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен. Фудбалот ми помогна да се борам за да добијам терапија, ме поврза со многу славни личности и ме направи голем борец за еднаквост во спортот. Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат, вели Велковски.

Како голем фан на Кристиано Роналдо, сликата на Јане со светската звезда го направи дел од кампањата на УЕФА EqualGame. Неговата инспиративна приказна ги трогна срцата на познати фудбалски имиња па Јане на покана на познатиот Пол Погба лани на Олд трафорд во живо го гледаше натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Манчестер Јунајтед и Севилја. Подоцна лично се сретна и со португалската фудбалска легенда Луис Фиго.

Вчера, во Обединетите нации Јане се дружеше и со звездата Дејвид Бекам заедно борејќи се за правата на децата.