Свет
12. October 2015 - 11:03

Изречени 124 години затворски казни за 35-те припадници на балканската нарко-мрежа во Франција

Специјализираниот меѓурегионален суд од Нанси израче казани за пример за 35-те обвинети од балканската криминална група која тргуваше со хероин и кокаин во регионот на „Трите граници“, односно меѓу Франција, Швајцарија и Германија, јавува дописникот на МИА од Париз.

Вкупно 124 години затвор, забрана за престој на француска територија и заплена на имотите на осудените, меѓу кои има и тројца македонски државјани.

Истрагата беше отворена во текот на втората половина од 2010 година, а вклучуваше надзор, прислушувања и озвучувувања на автомобили. На 16 октомври 2012 истрагата доведе до масовна полициска акција на швајцарската, француската и германската полиција. Досие кое брои околу 40 000 страници или околу дваесетина сандуци со документи.

Осудените, од кои тројца се државјани на Македонија, еден на Франција и другите на Албанија и Косово, добија казни затвор од 6 месеци до 10 години.

Македонските државјани се осудени на казна затвор од 7, 6 и 4 години и двајцата од нив се на доиздржување на казната, бидејќи против нив беше изречена привремена мерка затвор уште во истражната постапка, во 2013 година.

Ова инаку беше еден од најдолгите судски процеси во Франција, цели две недели, по повеќе од тригодишна судска истражна постапка. Учесниците во трговијата со дрога се казнети од специјалниот суд со вкупно 124 години затвор, високи парични казни до 100 000 евра, како и конфискација на нивните добра, како и лукзузните автомобили од марката Јагуар и БМВ.

Најтешко осудениот со 10 години затвор е во бегство, и по него е издаден меѓународен налог за апсење.

Според оценката на набљудувачите на судењето, јавното обвинителство на меѓурегионалната специјализирана судска инстанца, побара и го убеди судот да изрече казни за „пример“, бидејќи максималната казна за овие дела изнесува 10 години затвор. Јавниот обвинител во воведниот збор, пред да се посвети на секој обвинет поединечно, посебно инсистираше на фактот дека „од пред десетина години албанската криминална средина речиси целосно ја контролира трговијата со хероин и кокаин во регионот на границата меѓу Франција, Швајцарија и Германија“, повикувајќи се на статистичките податоци од француските затвори, каде бројот на затворениците со албанско државјанство се зголемил за неколкупати во последниве години. Оваа група, на која и се судеше, според обвинителството не функционирала на пирамидален, туку на клански начин, со многу ограноци.

За само еден месец во различни судски постапки во Франција беа осудени 5 македонски државјани за трговија со дрога, тројцата во случајов во Нанси, и уште двајца други по кратка постапка во Тионвил.
На почетокот на септември, во една недела интервал македонски државјани се обидоа преку Луксембург да внесат или пренесат во Франција наркотици во мали количењства, но доволно за да добијат 10 и 15 месеци казна затвор, која во моментов ја издржуваат.

Високите затворски и парични казни, дополнети со доживотна забрана за престој на француската територија се јасна порака до криминалнта средина од Балканот, дека Франција нема да ги толерира нивните делувања на нејзината територија.