Балкан
25. May 2018 - 17:35

Излажал дека паднал од мотор: Месец дена притвор за таткото кој до смрт го претепа својот 14 – ­годишниот син на Косово

Основниот суд во Гнилане му одреди 30-дневен притвор на Гани Берњаши, таткото кој го претепа до смрт својот 14-­годишен син, јавува дописникот на
МИА од Приштина. Информацијата за судската мерка, која му е изречена на сторителот на убиството, кое се случи ноќта меѓу средата и четвртокот во селото Долно Карачево крај Каменица, за порталот „Газета Експрес“ ја потврди официјален извор од судот во Гнилане.

Шеесетгодишниот Берњаши, во средата вечерта со дрвен стап го претепал својот 14­ годишен син Љуан, по што го затворил во соба цели четири часа и дури откако видел дека состојбата му се влошила, околу 40 минути по полноќ, го однел во Медицинскиот центар во Каменица, каде што дежурниот лекар констатирал смрт на детето.

Првично, таткото, кој косовските медиуми го нарекоа „монструм“, пријавил дека детето се повредило при пад од мотор, но набргу полициската истрага открила дека тоа умрело како последица на немилосрдно претепување. Истрагата откри дека детето било претепано до смрт затоа што, без знаење на родителите, земало 1 000 евра од дома.

Ова, како што објавија медиумите, не е првото злосторство на таткото, затоа што се откри дека во 1997 година, бил осуден и одлежал седум години затвор за силување на 12­-годишно девојче во Приштина. Исто така, медиумите информираа и дека ноќта кога го претепал својот син, со пластична шипка ја претепал и 17­-годишната ќерка, која се обидела да го заштити братот.