Македонија
14. April 2022 - 18:50

Изгаснат пожарот кај „Треска“

Пожарот кој попладнево избувна во магацин во кругот на поранешната фабрика „Треска“ е изгаснат, информира за МИА командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Ѕвонко Томески.

Огнот зафати пластични материјали, дрва, грмушки и отпад, што го предизвика густиот црн чад во центарот на Скопје, но при пожарот нема повредени.

Во гаснењето на пожарот интервенираа 55 пожарникари со десетина возила.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска попладнево изјави оти пожарот, според индициите најверојатно е подметнат.

– Сакам да ве известам дека пожарот е локализиран. Можам да кажам дека имаше фантастична реакција на скопската Противпожарна бригада. На пожарот интервенираа 55 пожарникари. Од индициите коишто ги имаме најверојатно се работи за пожар што е отпочнат на потегот, како што ми спомна и командирот, со сомнение дека има лица коишто го подметнале. Тоа е информација која што ја добивме и од соседите кои живеат непосредно тука, кои виделе дека има лица на овој потег, рече Арсовска, нагласувајќи оти треба да има најстроги мерки за оние кои го направиле ова.

Таа посочи оти се надева дека институциите ќе преземат се што е во нивна надлежност да не се дозволи луѓето да бидат во опасност.

– Сакам да верувам дека ќе се разреши оваа состојба со овој потег тука, меѓутоа и пред се не смее да се дозволи граѓаните на Скопје да се загрозени и нивниот живот, нивното здравје да е загрозено од некој којшто е недоговорен и којшто презема постапки кои се на штета на градот и на луѓето, рече Арсовска.

Имено, како што посочи Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање, според информациите кои таа ги има, се работи за објект што времено е под стечај, односно има стечаен управител.

Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Томески информира дека на пожарот веднаш интервенирале со сите расположливи сили. Посочи оти нема повредени пожарникари.

– Приоритет ни беше да се спречи ширење на пожарот на соседните објекти за домување, како и објектите кои се во кругот на фабриката Треска. Благодарние на брзата интервенција не е дозволено проширување на пожарот. Изгаснат е во рамките на она што е затекнато. Нема повредени за среќа наша, ни пожарникари, ни граѓани, така да, е успешна интервенција од наша страна, рече Томески.

За причината на пожарот, вели, ќе утврдат истражните органи. Дополни дека во самата фабрика, односно во погоните кои се таму, во непосредна близина има остатоци на лепаци, иверици, сунѓери, а според него можно е да имало некоја боца.

– Не можеме да кажеме од што е експлозијата затоа што поголем дел од кровот е срушен. Со текот на истрага ќе се покаже што е. Пожарот е локализиран и нема опасност. Се работи на расчистување да не остане нешто за да не се повтори повторно, рече Томески.

Претходно, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој излезе на терен, изврши увид и помагаше при гаснењето на пожарот, информира дека огнот е локализиран и речиси целосно изгаснат, благодарение на брзата реакција на надлежните.

Противпожарната бригада, како што соопшти Општина Центар, го гаснеше пожарот со десет возила, а Општинскиот кризен штаб, заедно со градоначалникот Герасимовски и со екипите на Црвениот крст им даваа поддршка на пожарникарите.

– Заедно со екипите на Општина Центар остануваме на терен, а кризниот штаб во состав од претставници на МВР, инспекциските служби на општината и противпожарна служби веднаш одржа состанок. Голема благодарост до сите за брзата и ефикасна реакција. Во оваа незгода за среќа нема повредени, изјави Герасимовски.

Жителите и вработените во околните продавници, додаваат, беа навремено евакуирани, а Герасимовски упати апел до граѓаните додека трае интервенцијата, да го избегнуваат метежот кој се создаде на околните улици.