Македонија
17. February 2019 - 16:10

Иванов со поддршка за Сиљановска - заеднички се прошетаа низ Охрид

Претседателот Иванов застана зад својата колешка од правниот факултет Гордана Силјаноска. Тој во придружба на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот лидер Мицкоски утрово прошета низ Охрид и имаше неформални средби со граѓаните.
Силјаноска која вчера ги доби гласовите на делегатите на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи порача дека е жена која е спремна да ја води нацијата. Заблагодарувајќи се за поддршката, Силјаноска рече дека сака да биде претседател кој како што вели, обединува во тешки времиња.
На обединување повика и опозицискиот лидер Мицкоски кој порача дека на Македонија и требаат луѓе кои го знаат патот. 
По завршувањето на вчерашната Конвенција, Силјаноска најави граѓански концепт на делување.

За СДСМ изборот на Силјаноска било само остварување на желбите на лидерот Мицкоски. Од партијата сметаат дека на Македонија не и треба како што велат, нов Ѓорѓе Иванов

Од СДСМ велат дека процедурата за избори на нивниот претседателски кандидат се уште трае, а одлуката ќе биде донесена на партискиот Конгрес закажан за 3 март. Сепак, партиски извори не кријат дека се чека договор на релација Заев – Ахмети за евентуален консензуален кандидат, па во таква ситуација, партискиот Конгрес на почетокот на идниот месец ќе биде само формалност, бидејќи одлуката ќе ја донесат двајцата лидери.
Во отсуство на официјални информации, неофицијално за најсериозни кандидати во владејачките редови важат тројцата вицепремиери и координаторот за НАТО Пендаровски.