Живот
12. November 2018 - 21:27

Инвазија на бродови духови на јапонскиот брег: 95 мистериозни пловила без посада стигнаа на брегот, доаѓаат од исто место

Дрвени бродови, познати како „бродови духови“, за кои се верува дека се од Северна Кореја, и оваа година стигнуваат на брегот на Јапонија.

Крајбрежната стража соопшти денеска дека оваа година стигнале 95 трошни бродови, во кои често се наоѓаат човечки коски, па затоа ги нарекуваат „бродови духови“, пренесе агенцијата АП.

Минатата година на јапонскиот брег допловија 104 такви бродови, наведе крајбрежната стража и додаде дека на нив вкупно се пронајдени 30 тела, како и 40 преживеани лица.

Ветрови и силни струи дрвените и слабо опремени рибарски бродови од Северна Кореја ги носат кој северниот брег на Јапонија, каде секоја година стигнуваат по десетина.

АП наведува дека овогодинешниот пораст на бројот на „бродови духови“ можеби е во врска со кампањата за зголемување на уловот на риба во Северна Кореја, за да се зголеми изворот на протеини за исхрана на жителите во земјата која настојува да обезбеди самодоволност во снабдувањето со храна.

За да ги исполнат зголемените квоти, севернокорејските рибари се отклонуваат подалеку од подрачјата во кои обично ловат и ризикуваат да ја повредат јапонската ексклузивна економска зона која се протега на 200 милји од брегот на Јапонија.

Повеќе од третина од тие бродови оваа година стигнаа до северниот јапонски остров Хокаидо, веројатно за да ги заобиколат патролите на јапонската крајбрежна стража.