Бизнис
26. December 2018 - 15:12

Инспекциските служби на АХВ извршија вкупно 55.820 контроли кај операторите со храна во 2018 година

Од почетокот на годинава досега инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршија вкупно 55.820 контроли кај операторите со храна. Како небезбедни, поради поминат рок на употреба, микробиолошка неисправност, неправилно означување и декларирање, поништени или вратени се вкупно 237.774 килограми небезбедна храна, се наведува во соопштението од АХВ.

Како што соопштуваат оттаму, со цел спречување на евентуална продажба на небезбедна храна на граѓаните, во услови на зголемена продажба и потрошувачка, инспекциските служби на АХВ вршат засилени контроли во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна на македонскиот пазар.

За констатираните недоследности со контролите од страна на инспекциските служби донесени се 1.776 решенија за отстранување на недостатоците, одржани се исто толку едукации за операторите, а поднесени се и 41 прекршочна и една кривична пријава.

АХВ апелира до граѓаните во пресрет на новогодишните празници, да купуваат храна од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да внимаваат на означувањето на производите како и на тоа каде тие се чуваат. Во домаќинствата, посочуваат дека е важно да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзино чување на соодветна температура.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, или на електронската пошта, известуваат од АХВ.