Македонија
11. November 2019 - 16:51

Иновацијата на таткото и синот Петковски за прочистување на воздухот го привлече вниманието на институциите

Фондот за иновации се заинтересира за пронајдокот на Петковски. По сторијата на Сител таткото и синот неделава ќе го претставаат нивниот изум пред надлежните во Фондот.

Тие направија уред кој собира ПМ честички и останатите штетни материи при согорување на цврсти горива во печки.

Од институцијата ќе им ги објаснат процедурите кои се потребни патентот да биде применет во намалување на аерозагадувањето.

И министерот за животна средина Нуредини и градоначалникот на Скопје Шилегов лично ги поканија иноваторите да им го презентираат функционирањето на механизмот кој се состои од цилиндар за фаќање на ПМ честичките монтиран над печката и филтер над оџакот.

-Ќе ги повикам да видиме дали иновацијата за која се зборуваше во текот на вчерашниот ден е подготвена за фаза на имплементација, колку тоа би чинело и како би можел градот и државните институции да помогнеме таков тип на технологија да дојде до ниво на производство и да се имплементира во оџаците во домакинствата, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Петковски тврдат дека уредот е економичен и многу ефикасен.

-Еве дишам од оџакот, изјави Митре Петковски, машински инженер.