Свет
25. November 2016 - 11:11

Иницијатива за пребројување на гласовите во Висконсин, Мичиген и Пенсилванија

Претседателската кандидатка на Зелените за влез во Белата куќа, Џил Стајн соопшти дека собрала 3,5 милиони долари за нејзината иницијатива за отпочнување процедурата за повторно пребројување на гласовите од претседателските избори во САД од 8 ноември и во државите Висконсин, Мичиген и Пенсилванија, објавија денеска американските медиуми.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп во овие три држави победи со мала разлика во гласовите пред демократската кандидатка Хилари Клинтон.

Стајн изјави дека уште денеска ќе ја плати неопходната такса од 1,1 милион долари за повторно пребројување во Висконсин. Таа се надева дека ќе успее да собере вкупно 4,5 милиони долари, за да може да поднесе барање за повторно пребројување и во државите Пенсилванија и Мичиген, пред завршувањето на крајниот рок во понеделник, односно во среда.

Стајн го бара ова пребројување затоа што, според компјутерски експерти, имало статистичкки недостатоци во пребројувањето на гласовите во сите три држави.

- Од тие причини и се добија неочекуваните резултати од изборите и аномалиите за кои се зборува. Тие треба да се истражат пред да бидат соопштени официјалните резултати. Заслужуваме избори на кои можеме да им веруваме, рече Стајн во средата.