Бизнис
15. September 2017 - 13:00

Информативна сесија "Придобивки и обврски на компаниите при вработувањето лица со хендикеп"

Информативна сесија „Придобивки и обврски на компаниите при вработувањето лица со хендикеп“ се одржа денеска во Кавадарци, во рамки на проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“, во организација на Стопанската комора, Регионалната комора со седиште во Кавадарци и „Полио плус-движење против хендикеп“.

Ирена Мојсовска од Стопанска комора во изјава за медиумите појасни дека станува збор за едногодишен проект на Европската Унија.

- Овој проект е од оперативната програма за развој на човечките ресурси ИПА 2007-2013 година. Главната цел на проектот е да се направат потребните анализи со цел да се подготват лицата со хендикеп на пазарот на труд, а воедно и да се поткрене свеста односно поголема информираност до самата бизнис заедница односно компаниите со цел лицата со хендикеп да бидат вклучени во нивните компании, рече Мојсовска.

Таа нагласи дека според анализите правени комората на Македонија, мал е бројот на компаниите што имаат вработено лица со хендикеп.

- Затоа целта на овој проект е поголема информираност и поголема свесност на компаниите со цел да се запознаат и со самите придобивки што ќе ги имаат при вработувањето на лица со хендикеп. Ќе се потрудиме што повеќе покрај овие информативни сесии да направиме и оние напредни сесии со што би работеле со самите компании со тоа што би сакале да има поголема вклученост и интерес на компаниите за оваа категорија на лица, додаде Мојсовска. 

Рече дека треба да се направи поголема информираност, повеќе работа со компаниите, поголема свесност од нивна страна.

- Исто така, во самата бизнис програма што е вклучена во проектот имаме сет на активности коишто ќе придонесат за да се работи со менаџерските тимови, со раководителите на сектори со тоа што би биле поблиску запознаени со самите нели критериуми, услови и се што треба да се направи во однос на лицата со хендикеп, рече Мојсовска.

Нагласи дека мал е одзивот на тие што имаат вработено лица со хендикеп.

- Со детални анализи ќе излеземе по завршувањето на напредните сесии што ќе ги направиме со компаниите, за да знаеме точна бројка колку се тие коишто се навистина вклучени и колку се тие што се заинтересирани да можат да вработат лица со хендикеп, додаде Мојсовска.

Професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нагласи дека токму преку трудот овие лица најдобро се интегрираат генерално во општеството. Нагласи дека многу е важно да се работи на две компоненти.

- Првата компонента е да се овозможи во рамките на правниот систем одредени бенефиции одредени мерки коио ќе ги стимулираат овие лица да бидат вработувани. Од друга страна треба да се работи на подигнување на свесноста и кај компаниите и кај менаџерите, но и генерално во општеството за бенефитите за придобивките коишто овие лица можат да ги дадат преку трудот за работодавачите, како и за поширокото општество, додаде Јовевски.