Свет
29. јуни 2016 - 14:14

Индустриското производство во мај поголемо за 5,3 отсто

Индустриското производство во мај годинава пораснало за 5,3 отсто во споредба со истиот месец од минатата година, а во првите пет месеци  од годинава е за 8 отсто повисоко во споредба со истиот период од 2015 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2016 година, во однос на мај 2015 година, бележи опаѓање од 19,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пораст од 11,7, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 18,4 отсто. 

Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред се, на зголеменото производство на прехранбени производи, пијалаци, тутунски производи, облека, електрична опрема, машини и уреди и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството бележи пораст кај Капитални производи за 34,5 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 4,4 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,2 проценти, додека опаѓање има кај Енергија за 24,9 отсто и Интермедијарни производи, освен енергија за 0,2 отсто.