Свет
20. January 2017 - 8:26

Инаугурација на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп денеска ќе биде инаугуриран како 45. американски претседател, а, како што коментираат светските медиуми, во Белата куќа ќе влезе исто како што влезе и во претседателската трка, „пркосен, сосема сигурен во својата политика и без робување на традицијата“. 

Во текот на десетте недели, откако на изненадување на многумина беше избран за претседател Трамп го прекрши дипломатскиот протокол воспоставен со децении, ги тестираше долгогодишните етички правила и продолжи со борбен стил, одговарајќи на секој обид за личен напад, на Твитер или во живо. 

За разлика од своите претходници, Трамп мина доста време во текот на транзициониот период, ставајќи до знаење дека ги гледа работите поинаку, наместо да се менува поради функцијата, која според многумина ќе се менува поради него. 

Меѓу интересните факти на инаугурациониот ден се издвојува тоа што според Уставот на полагањето заклетва се дозволени 35 зборови, но некои претседатели ги зголемуваат на 39 со тоа што додаваат: „И нека Бог ми помогне“. 

Кога станува збор за самиот говор, се поставува прашањето дали Трамп ќе ја испрати вообичаената порака за единство на нацијата, ќе земе улога на оној кој создава неред во уредениот систем или ќе направи комбинација од двете можности. 

Помошниците на Трамп тврдат дека тој големо внимание посветил на говорот, дека го вежбал во Трамп тауер и оти може да се очекува дека ќе трае околу 20 минути.

- Доналд Трамп ќе изнесе „мошне личен“ говор од филозофски карактер на денот на стапувањето на должност како претседател на САД, изјави вчера неговиот портпарол Шон Спајсер. 

- Тоа ќе биде многу лично и искрено претставување на неговата визија за земјата. Тој ќе појасни што значи да се биде Американец, предизвиците со кои сме соочени, рече Спајсер, споменувајќи ги конкретно инфраструктурата и образованието. 

- Тоа нема да биде детална програма, туку повеќе филозофски документ, неговата визија за иднината на земјата, за улогата на владата и за улогата на граѓаните, додаде тој.

Согласно традицијата Трамп говорот ќе го одржи на западното крило на Капитол хил, откако ќе положи заклетва како претседател ставајќи ја раката врз Библијата. 

Доналд Трамп ќе положи заклетва како претседател на САД пред две Библии - неговата, подарена од мајка му во 1995 година и онаа што била користена од Абрахам Линколн пред век и половина. 

Церемонијата на заклетвата ќе биде водена од претседателот на Врховниот суд, Џон Роберт. 

Во 2013 година, при полагањето на заклетва за вториот претседателски мандат, Барак Обама ја подигна десната рака, а левата ја постави врз две Библии - едната користена од Абрахам Линколн при стапувањето на должност во 1861 година, а втората што му припаѓала на Мартин Лутер Кинг, борецот за граѓански права во текот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век. 

Со оглед на тоа дека неговата ривалка во претседателската трка Хилари Клинтон ќе седи на инаугурационата платформа со сопругот Бил Клинтон, ќе биде интересно да се види дали Трамп својата противкандидатка ќе ја спомене во текот на говорот и дали ќе има каква било интеракција со неа.

Повеќе од осум илјади луѓе ќе маршираат на парадата по Авенијата Пенсилванија, а организаторите сакаат парадата да трае околу 90 минути, со цел Трамп да има доволно време, бидејќи како што велат неговите помошници, планира да заврши „некоја работа“ на првиот ден од стапување на функцијата. 

На секоја инаугурација е вообичаено да има и демонстранти, кои протестираат против новиот претседател, а оваа година се очекува дека може да дојдат и повеќе од 200 илјади луѓе. 

Трамп се пофали со листата на покани, наведувајќи дека најпознатите јавни личности во светот ќе дојдат на неговата инаугурација. 

Химната ќе ја пее Џеки Еванчо, а ќе настапат и Тони Орландо и Сем Мур. 

Осамени снајперисти, камиони како напаѓачко оружје, вооружени дронови...сето тоа се смета за можен безбедносен ризик на претседателската инаугурација на Доналд Трамп, на која се очекуваат околу милион лица.

Откако двајца џихадисти убија десетици луѓе во два напади со камиони во Ница и Берлин минатата година, американските безбедносни служби преземаат посебни мерки со цел нешто слично да не се повтори во нивниот главен град.

И додека Вашингтон е во трајна состојба на будност од можни завери од Исламска држава или Ал Каеда, во последните неколку години се покажа дека земјата е ранлива на напади одвнатре, кои се само инспирирани од џихадистите надвор од САД, но спроведени од домашни екстремисти.

- Немаме ниту една веродостојна закана за инаугурацијата, изјави министерот за внатрешна безбедност Џеј Џонсон.

- Но ситуацијата со глобалниот тероризам е поинаква од кога Барак Обама полагаше заклетва за вториот мандат во 2013 година, додаде Џонсон пред новинарите.

- Мораме да бидеме загрижени од домашниот насилен екстремизам, оцени тој.

Околу 28.000 припадници на безбедносните сили во униформа и во цивил од педесетина различни американски безбедносни служби, вклучувајќи ја Тајната служба, Националната гарда, ФБИ, ќе бидат распоредени во Вашингтон на инаугурациските свечености.

Инаку, церемонијата ќе почне со полагање венец на Националните гробишта во Арлингтон, ќе се продолжи со поднесување заклетва, потоа инаугурациска парада и серија балови, за на крај да заврши со миса во Националната катедрала в сабота.

Посебно е чувствително положувањето заклетва пред западниот влез на Капитол, каде ќе бидат претседателот во заминување и новиот претседател, поранешните претседатели и повеќето функционери од администрацијата и Конгресот. Тие ќе бидат заштитени со непробојни стакла, а на покривите ќе бидат распоредени владини снајперисти. ФБИ во тоа подрачје ќе има радијациски, хемиски и биолошки детектори.

Традиционалната парада по Авенијата Пенсилванија од Капитол до Белата куќа, исто така, ќе биде испит за безбедносните служби.

Претседателот Џими Картер ги изненади сите кога пешачеше по целата траса (1,8 километри) во 1977 година. Од тогаш, претседателите одат само еден дел од патот, но и тоа е доволно агентите на тајната служба, задолжени за заштита на претседателското семејство, да се загрижат.

Безбедносните служби очекуваат меѓу 700 и 900 илјади луѓе на инаугурацијата, вклучувајќи и најмалку 99 групи кои планираат протести.

Центарот на Вашингтон со површина од седум километри квадратни ќе биде затворен за сообраќај со возила, а сите кои пеш ќе влегуваат ќе бидат детално прегледувани.

За да се спречи евентуален напад со камион, властите околу таа зона ќе постават бетонски бариери, камиони натоварени со цемент, камиони за отпад, автобуси и други тешки возила.

Долг е списокот на забранети предмети, а вклучува и какви било спрееви, балони, велосипеди, стаклени шишиња, стапови за селфи, ранци и ласери. Дозволени се мобилни телефони и многу мали чанти. Можат да се носат натписи за протестите, со строго одредени димензии, но не и нивни држачи.

На небото над Вашингтон забрането е користење на дронови, а доколку некој сепак се појави, Џонсон најавува технологија со која тоа ќе се реши.