Ракомет
10. April 2016 - 19:44

Има надеж, Македонија на ЕП за ракометари до 20 години

Машката јуниорска репрезентација на Македонија обезбеди пласман на Европското првенство за ракометари до 20 години кое летово ќе се одржи во Данска.

Македонските јуниори ја совладаа селекцијата на Црна Гора со 36-24, полувреме 18-11, во последниот меч од квалификациската група 1, чии натпревари се играат во швајцарскиот град Шафхаузен.

До овој значаен триумф црвено-жолтите ги предводеше Филип Кузмановски кој синоќа им се приклучи на врсниците, а претходно беше во Гдањск со сениорите. Кузмановски средбата ја заврши со 10 постигнати гола од 12 упатени удари, додека  Томислав Јагугиновски постигна 7, а Горан Крстевски беше стрелец на 5 гола за црвено-жолтите. 

Покрај Македонија пласман на ЕП во Данска што ќе се игра до 7 август годинава, од оваа група обезбеди и домашната селекција на Швајцарија кој попладнево ќе го одигра мечот против Фарските Острови.