Македонија
23. April 2021 - 16:42

Има ли можност за напредок во разговорите среде политичка криза во Бугарија

Што поскоро формирање на бугарската влада, за Македонија да го фати јунскиот воз за започнување преговори со ЕУ. Дваесет дена по завршувањето на изборите, се уште не се исцртуваат контурите на идната бугарска влада, во која македонската дипломатија полага надеж за отстранување на ветото за Европа.

Очекувањата се големи, иако бугарските политичари долго време предупредуваат дека официјална Софија има единствен став по македонското прашање.

Секое понатамошно одложување на европската перспектива на регионот, создава вакуум кој што може да биде пополнет од други глобални актери, а нема да изостанат ниту безбедносните последици. Ова е заедничката порака од Литванија, каде што вицепремиерот Димитров беше примен од премиерката Шимоните.

“Постигнавме добар напредок кон пофункционална европска демократија. Извештајот на Европската комисија од минатиот октомври тоа јасно го покажува тоа. Поради природата на нашиот случај, мислам дека европската интеграција на Северна Македонија сега е тест за кредибилитетот на ЕУ и на способноста да се направи разлика во нашиот регион како што направи разлика во балтичкиот пред многу години”, вели Димитров

Австрија стои на располагање, доколку треба каква било помош, порача во меѓувреме шефот на австриската дипломатија. Во интервју за МИА тој порачува Скопје и Софија да не губат време во пресрет на јунскиот совет.

“Билатералните и историските прашања треба да бидат одвоени од овој процес. Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно побрзо”, вели Александар Шаленберг, на прашањето колку се реални очекувањата да ги почнеме преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство.

Според него, важно е да се најде решение на билатерално ниво помеѓу Бугарија и Македонија без да се воведуваат овие прашања во процесот на проширување, а дали е потребно посредништво од трета страна, двете земји самите треба да го одлучат, вели австрискиот министер.