Македонија
26. November 2020 - 16:47

Има ли државниот врв единствен став кон Бугарија?

Шефот на државата Пендаровски откако вчера беше посочен како неискусен политичар, денеска вели дека неговото 20 годиниш искуство му дава за право да ги одмерува зборовите за историскиот спор со Бугарија.

Во интервју за Дојче веле, Пендаровски потенцира дека овој спор може да се реши само со почитување на достоинството на македонскиот народ.

 Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ - да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна. Во првиот дел, нашата јавност знае дека јас сум првиот македонски политичар во историјата кој јавно понуди поширок политички дискурс во однос на еден од најголемите апостоли на македонското револуционерно движење. Меѓутоа, не отидов понатаму, затоа што тоа е работа на Комисијата составена од историчари, најмалку работа на политичарите, вели Пендаровски.

Вицепремиерот Димитров пак преку социјалните мрежи порачува дека идејата на договорот со Бугарија е за историјата да разговараат историчарите, а политичарите да се занимаваат со сегашноста и иднината.  

Ова е мој принципиелен став, ова е битка не само за македонската суштина, туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување.

Ова е бесмртниот "вирус" на идеали против кој залудно се бара "вакцина" пишува Димитров фб.

Министерката за одбрана Шекеринска вели дека историјата не може да се менува, но не треба да биде ниту пречка за европската иднина на земјава.

Прашањето не е дали ќе ја читаме или ќе ја заборавиме историјата, треба да се памети историјата. Прашањето е дали денеска ќе ги носиме одлуките исклучиво базирани на тоа што се случувало пред 70 години. Јас мислам дека мнозинството граѓани особено оние кои се силни поддржувачи на антифашистичката борба во Македонија сакаат да ја гледаат иднината како таква шанса, не како заложник на историјата, заклучи Шекеринска.

Бугарскиот вицепремиер каракачанов пак вели дека вчерашното интевју на Заев е прв чекор напред во вистинска насока, но потенцира дека не верува во интервјуа туку во потпишување на анекс или на нов договор. 

На Бугарија сега ѝ се потребни конкретни гаранции, а тие не можат да бидат поддржани само со декларација, туку треба да се склучи писмен договор. Треба да се потпише анекс или нов договор. Тоа е затоа што ние сакаме јасна гаранција како ќе се промени нивниот образовен систем, со точно одредени рокови. Процесот на преговори може да трае и 10 години, но за да започне, потребен ни е патоказ. Треба да биде јасно дека ние можеме да го запреме процесот во било кое време доколку договорот не се почитува вели Каракачанов за  бугарската новинска агенција „Фокус“.