Македонија
11. December 2019 - 17:55

Илиевски најавува кривична за Инспекцискиот совет, тие тврдат дека ја лажел јавноста

Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски кој обелодени тројца функционери од ДУИ меѓу кои министерот за образование и заменик министерот за полиција дека незаконски биле унапредени со професорски титули на Тетовскиот универзитет најави кривична постапка против Инспекцискиот совет. Илиевски обвинува дека и покрај одлуката на Антикорупциската комисија кои утврдиле судир на интереси бидејќи ќерката на Главниот инспектор Африм Саљиу кој го вршел надзорот била вработена на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово Советот ја одолговлекувал дисциплинската постапка против него.

- Инспекцискиот совет, претседателот и членот воопшто не преземаат чекори за што имале должност. Во повеќе наврати доставив дописи за одговор до каде е дисциплинската постапка, но ми одговараат слаткоречиво дека постапката е во тек. Од јули до ден-денес нема никаква постапка. За вакви чинови во други случаи се поведувале дисциплински постапки и се одземани лиценци на инспектори. Во конкретниов случај Инспекцискиот совет работи дискриминаторски и затоа ќе бидам принуден да покренам и кривична пријава за злоупотреба од овие главни личности во Советот, рече Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор.

Од Инспекцискиот совет негираат и велат дека инспекторот Илиевски давал лажни наводи дека не се води никаква постапка. По доставувањето на потребната документација од Антикорупциска за судир на интереси навремено ги превземале сите потребни чекори и времено му ја одзеле лиценцата на инспекторот Саљиу.

- Инспекцискиот совет формираше дисциплинска комисија за водење на дисциплинска постапка за Африм Саљиу и привремено му ја одзеде лиценцата на посочениот инспектор. Согласно законот, комисијата има рок од 20 дена да донесе одлука за евентуалната одговорност на инспекторот Африм Саљиу, за што дополнително ќе бидат превземени соодветни активности, велат од Инспекцискиот совет.

Претходно просветниот инспектор Илиевски најави дека за целиот случај ќе ги информира меѓународните институции и неколку амбасади во земјава.