Свет
25. October 2017 - 18:55

ИК: Утре ќе се одржат повторените претседателски избори во Кенија

Како што беше планирано, утре ќе се одржат повторените претседателски избори во Кенија, соопшти Изборната комисија.

Соопштението од Изборната комисија доаѓа откако денеска Врховниот суд објави дека поради немање кворум не може да ја разгледа жалбата, поднесена во последен момент, со која се бара одложување на изборите.

Претседателот на Врховниот суд Давид Марага се појави сам во судската сала и соопшти дека само тој и уште еден судија дошле на седницата. Ноќта пред седницата беше застрелан возачот на еден од судиите, што медиумите го протолкуваа како закана по судскиот систем.

Стотици жени со бели шамии се собраа пред зградата на судот, од каде повикаа на мир во момент кога тензиите во Кенија се зголемени. Приврзаниците на претседателот Ухуру Кенијата радосно ја дочекаа веста дека утре ќе се одржат изборите. На други места во Најроби се собраа приврзаници на опозицискиот лидер Раила Одинга, кој најави дека ќе ги бојкотира изборите.