Македонија
10. December 2015 - 14:33

Груевски: Отворивме над 140 илјади работни места, пензиите и социјалните надоместоци ќе растат и догодина

Намалувањето на невработеноста, зголемување на економскиот раст и порастот на животниот стандард на граѓаните преку отворање нови работни места во приватниот сектор и преку унапредување на условите за водење бизнис за домашните и за странските инвеститори се нашиот врвен приоритет на кој со години работиме посветено преку конкретни чекори, вели премиерот Никола Груевски во интервју за веб порталот Прес24.

И во тој поглед, како што вели, имаме остварено значителни резултати. - Отворени се над 140.000 нови работни места, а невработеноста е намалена од 38 на 26,8 отсто. И тоа се резултати кои се должат на големиот број мерки и проекти кои ги реализираме во оваа област, вели Груевски.

Тука, како што додава, се активните мерки за вработување кои со години ги реализираат, тука е и проектот „Македонија вработува“ во чии рамки преку цел сет поволности досега се вработени над 10.100 лица во 6.750 компании. А таа бројка, вели Груевски, очекуваме во наредниот период дополнително да расте од причина што овој проект претставува силна поддршка за компаниите во процесот на отворање нови работни места, но и одлична можност за вработување на различни категории на граѓани.

Премиерот посочува дека значајно влијание во намалувањето на невработеноста имаат и новоотворените работни места од страна на странските инвеститори во речиси сите региони во државата. - Само во првите девет месеци оваа година од страна на странските компании се вработени 5.800 лица, а оваа бројка последниве месеци е зголемена со оглед на што неколку странски компании стартуваа со производство или вработувања последниве месеци.

- Генерално очекувам дека оваа година ќе биде завршена со најмалку над 20 илјади остварени вработувања и тоа е добар податок и податок кој е дополнителна причина да продолжиме со нашите стратешките цели за намалување на невработеноста. Продолжуваме и со изградба на технолошко-индустриските развојни зони во сите региони во државата, бидејќи наша цел е отворање на нови работни места во сите региони. Трендот е добар, чекориме по добар пат и резултатите ќе бидат се подобри и подобри, веки Груевски.

На прашањето кои се плановите за инвестирање во патната инфраструктура, Груевски вели дека тоа претставува еден од нивните врвни приоритети.

- И во тој контекст најнапред започнавме со силни инвестиции во делот на локалните патишта во сите региони во државата, кои се од исклучителна важност за граѓаните. На ова поле инвестиравме во повеќе стотици локални патни правци и со овој вид на инвестиции продолжуваме и во идниот период. Истовремено, како никогаш досега во државата се градат и автопатски делници. За повеќе од 50 отсто се зголемува автопатската мрежа со инвестициите кои ги започнавме. Во завршна фаза е реконструкцијата на автопатот Велес-Скопје во должина од 23 км, а активно се работи и на трите нови автопатски делници: Демир Капија- Смоквица, во должина од 28 км, Скопје-Штип кој е во должина од 47км и Кичево-Охрид во должина од 57км, информира премиерот.

Изградбата, како што додаде, се одвива согласно предвидената динамика и истите претставуваат исклучителено значајни капитални инвестиции од државен интерес кои директно влијаат и на економијата и привлекувањето на странските инвеститори, но и на отворањето на нови работни места, бидејќи само на овие автопатски делници моментално се ангажирани околу 2.300 работници.

- Паралелно со овие автопатите сериозен акцент ставаме и на изградбата на експресните патишта и во тој поглед во следниот период ќе отпочнеме и со изградба на пет нови експресни патишта во должина од 126 км и инвестиции од околу 300 милиони евра. Станува збор, додава тој, за многу значајните патни правци Штип - Кочани, Штип – Радовиш, Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп и Охрид – Пештани,истакнува премиерот.

Инвестицискиот бран во патната инфраструктура, како што нагласува, се гледа и во инвестициите во регионалните и магистралните патни правци, каде во тек на изградба или реконструкција се 167 км во вредност од 50 милиони евра, а до крај на оваа и во текот на 2016 година планирани се за изградба и реконструкција осум регионални патни правци во должина од 120 км.

Прашан за коментар во однос на тезите на опозицијата поврзани со земјоделството, Груевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ покажа како се дава поддршка за земјоделците и тоа земјоделците најдобро го знаат и тоа го знае целата јавност. - И во тој контекст опозицијата што и да каже не може да го смени мислењето на земјоделците кои многу добро се сеќаваат каков третман добиваа додека СДСМ беше на власт и каков третман добиваат откако сме ние на власт. И се сеќаваат дека СДСМ нас не нарекуваше земјоделско селска влада алудирајќи на тоа дека многу сме биле насочени кон земјоделците, претставувајќи го тоа како наша грешка, вели Груевски.

Искрено жалам, додава премиерот, што СДСМ не може да го промени сопствениот однос кон земјоделците и што лицемерно ги гледа земјоделците единствено како број на гласови.

- Земјоделците се чесни луѓе кои никој не може да ги купи со пари. Тоа се само лоши филмови на СДСМ. Но тоа е светот во кој живее оваа партија. Поддршката што ние ја доделуваме преку субвенциите кои досега изнесуваат над 780 милиони евра, е само еден од начините преку кои излеговме во пресрет на земјоделците и создадовме услови за развој на земјоделството, процес во кој влијаеја уште голем број на проекти и мерки со кои се решија многу проблеми на земјоделците и значително се подобрија условите во многу гранки во земјоделството. Ние сме партнер на земјоделците и земјоделците тоа го знаат. Ние сме постојано меѓу земјоделците бидејќи земјоделците тоа го заслужуваат и тоа е единствениот начин за решавање на проблемите во земјоделството. Нас не ни текнува на земјоделците само пред избори како што тоа е примерот со опозицијата, истакнува Груевскии додава дека не само во овие сфери, списокот на проекти е долг, на резултати е долг, тоа се видливи дела.

Потсети дека се отпишани долговите на 15 илјади семејства во вредност од над 30 милиони евра. Просечната пензија е зголемена за 70 отсто, а најниската пензија се зголеми за над 80 отсто. - Ново зголемување на пензиите од 5 отсто предвидуваме и за следната година. Социјалната и постојаната парична помош во просек се зголемија за 60 отсто, ќе следува и ново зголемување од 5 отсто. Бесплатно бања искористија над 32.000 пензионери, а следната година уште 5.000 пензионери ќе отидат на бесплатна бања, нагласи Груевски.

Додаде дека во тек е фазна изградба и реконструкција на железничката пруга од Куманово до Бугарија во должина од 90 километри. - По цели 40 години започна реконструкција и санација на железничките станици во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Гевгелија, Неготино, Богомила, Градско, Чашка, Табановце, Демир Капија. Обезбедени се нови 150 товарни вагони, инвестиција вредна 13 милиони евра, и првиот од шесте патнички возови за кој инвестираме 25 милиони евра. Го реализираме проектот за обезбедување на современа медицинска опрема во вредност над 100 милиони евра. Вложуваме над 100 милиони евра инвестиции за изградба и реконструкција на болници и клинички центри. Намалени се цените на лековите на над 4 700 лекови. Изградени се над 70 нови училишта, а 350 основни и средни училишта се реконструирани. Изградени се 82 спортски сали, 58 тениски игралишта и 53 повеќенаменски игралишта, вели Груевски во интервју за веб порталот Прес24.