Македонија
15. July 2016 - 18:52

Груевски: Над 60 милиони евра заработка во туризмот во првите четири месеци

Во првите четири месеци од оваа година заработката во туризмот е 60 милиони и 400 илјади евра, што е 4 отсто повеќе од истиот период лан. Во првите пет месеци има и 11 процентно зголемување на бројот на туристи, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при денешната посета на струшкиот регион.

Тоа, според него, претставува показател дека и оваа година ќе има значателен пораст на туризмот што е резултат на многу вложен труд во минатото, но и во текот на оваа година.

- Тоа е показател дека и годинава ќе има значителен пораст на туризмот. Десет години по ред секоја година имаме раст на туризмот од најмалку 10 отсто, а во некои дури и 15 проценти. И според првите пет месеци јануари-мај кои не беа сезона очигледно е дека ќе имаме раст на туризмот што ќе биде добро за целата туристичка индустирја која вработува многу луѓе и многу компании и семејства, живеат од тоа, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање .

Во однос на летовите од Охридскиот аеродром во првите шест месеци има пораст на туристи за 83 отсто во однос на минатата година што е многу сериозно зголемување на бројот на странски туристи кои престојуваат во Охрид, Струга, Вевчани, но и во целиот регион.

Според него, мерките што Владата ги презема, а ги има многу даваат  сериозни резултати. - Преземавме мерки со кои дадовме субвенции на авионските компании за да се остварат поголем број летови кон Република Македонија. Во моментов Македонија има поврзување со 35 дестинации, а пред нашето доаѓање бројката беше можеби за половина или повеќе од половина помала, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека со многу ангажман, субвеници и разговор со компаниите се отворија 35 линии кои во моментов оперираат на релација Македонија со други градови и држави.

- Преку  субвениците се помогна и турооператорите да носат странски туристи. Со тие субвенции за турооператорите кои носат туристи во Македонија драстично се зголеми бројот на странски туристи и се вратија и се надминаа времињата кога во земјава имало многу странски туристи, оцени Груевски.

Владата, посочи тој инвестираше многу и во инфраструктурата, но и во понудата за туристите, преку изградба на различни објекти како музеи и други содржини.

- Изминатите години Владата беше фокусирана во развој на туризмот  и резултатите не се случајни, подвлече Груевски.

Како пример  посочи дека  рекламите во светските медиуми даваат резултати.