Македонија
7. December 2016 - 22:24

Груевски: На 11 декември убедиливо ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“

Останаа уште два дена до завршување на оваа кампања и во недела ќе биде гласањето на кое убедливо ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во ИЕ 4 Никола Груевски.

Груевски истакна дека овој народ ќе излезе на 11 декември  и  громогласно ќе даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

- На 11 декември ќе победи Македонија, на 11 декември ќе победат граѓаните. Народот ќе прати порака до сите дека овој народ е газда на оваа држава и одлучува кој ќе победи, кој ќе биде премиер и во кој правец ќе се движи Македонија, истакна Груевски.

Според него многу е значајно не само да се победи, туку и да се успее да не се продолжи кризата, за што, како што рече, се потребни 63 мандати за ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот. Тоа ќе осигура дека земјата ќе продолжи да оди напред, напред во членство во НАТО и ЕУ. Тоа е наша стратешка ориентација и тоа никој не може да го смени и нема поединци што можат да го сменат тоа. Ќе продолжи напред во правец на натамошно зајакнување на економијата, на правење економски моќна држава, отворање нови работни места во Македонија, потенцира Груевски.

Посочи дека ова е политичка гарнитура која ги обединува сите и која се грижи за сите и за заедничките државни и национални интереси.

- Народот, потенцира, ќе гласа за сувереност, унитарност, цврстина на Македонија, одење во НАТО и ЕУ и Македонија која економски ќе зајакнува, рече Груевски и додаде дека опцијата која и е потребна на Македонија е субвенции за земјоделците, зголемување на  пензиите, социјалната помош, платите во јавниот сектор, зајакнување на сите економски параметри и земјата да оди напред.

Изрази уверување дека на 11 декември како никогаш досега ќе се излезе референдумски, масовно со поддршка, како што рече, на ВМРО-ДПМНЕ и против политиките на разнебитување на Македонија, против политичарите кои го лажат сопственикот народ. Тоа е, рече, препознатливо и затоа ќе го претрпат 10-пораз по ред.

Никола Тодоров носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 2 на митингот во Куманово порача дека 11 декември е денот кога македонскиот народ ќе стави крај на двегодишната криза предизвикана од СДСМ.

- Пред вас гордо стоиме, со реална програма и остварливи проекти. Со новата програма се обврзуваме дека ќе работиме да се рестарираат пропаднатите капацитети жртви на транзицијата, кои се вистинското лице на СДСМ и говорат за начинот на кој владеат. Покрај овој многу значаен проект ќе извршиме реконструкција на автопатот Скопје - Куманово и патот Куманово-Свети Николе, пругата кон Бељаковце, водоводи, канализации...., рече Тодоров.

На митингот во Куманово Мишел Воасин од Републиканската партија на Франција ја истакна поддршка на партијата која е сестра на ВМРО-ДПМНЕ и ги  подвлече одличните 10 години економско владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

- Ги споделуваме истите вредности тоа значи човекот во центарот на општеството. И тука сме да ве поддржуваме од почетокот до крајот. Ние сме за личната и приватната иницијатива. Токму таква инцијатива овозможува создавање богатство и работни места, рече Воасин и честита на Република Македонија за мерките што ги презеде за справување со мигрантскиот бран.

На митингот се обратија и кандидати за пратеници од оваа Изборна единица и коалициски партнери.