Балкан
10. July 2020 - 13:51

Грчки медиуми: 29 нови случаи на Ковид-19 на Промахонас

На граничниот премин Промахонас (Кулата) регистрирани се 29 нови случаи на Ковид-19 кај туристи од Бугарија и Грција, објавија грчките медиуми, повикувајќи се на свои извори.

Откако во изминатиот период се зголеми бројот на „увезени случаи“ на коронавирусот во Грција, на единствениот отворен граничен премин за туристи, претставниците на Националната организација за јавно здравје веќе ги тестираат сите туристи,  јави дописничката на МИА од Атина.

Професорот епидемиолог и член на експертската комисија во Министерството за здравство на Грција,Гикас Мајоркинис, за грчката телевизија „Скај“, рече дека во овој момент, за земјата најголем проблем се туристите од Бугарија и Романија.

Објасни дека се разгледуваат повеќе сценарија, меѓу кои и затворање на граничниот премин Промахонас (Кулата) или од туристите да се побара да имаат направено тест пред влегувањето во Грција.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за денеска свика состанок со надлежните министри за да разговараат за текот на оперативниот план за контроли на влезните точки во Грција.