Македонија
20. јуни 2018 - 18:35

Граѓанските организации да се вклучат во мониторингот на јавните набавки

Без можност за провизии и приоритетни добавувачи. Сите тендерски постапки ќе бидат на увид во јавноста, порачаа од Владата и ги повикаа граѓанските здруженија да се вклучат во постапките за јавни набавки од почетокот до склучувањето на договорите. Целта, според министерот за комуникации и транспарентност е целосен увид како и зошто се трошат парите на граѓаните.

- Ги повикуваме граѓанските организации што имаат експертиза за тоа, медиумите и граѓаните, внимателно да ги следат сите набавки. Борбата против корупција е еден од приоритетите на Владата, изјави Роберт Поповски, министер за комуникации, отчетност и транспарентност.

И здруженијата на пациенти ќе можат да имаат целосен увид во тендерите за набавка на лекови. Ако во минатото здруженијата на лица со ретки болести како и корисници на инсулин реагираа на квалитетот на терапијата и фирмите добавувачи, Филипче вели дека дел од нив веќе се вклучени и во самиот процес на подготовка на тендерската документација. Со експерти од невладиниот сектор, пак,  прават анализа на ризиците од корупција во јавните набавки во МЗ.

- Со увид на ризик-факторите при процес на јавните набавки, ќе се намали и ризикот од судирот на интереси, во насока на спречување на непотизам и блиски релации со компании пријатели. Се прават анализи и за промена во самите тендерски постапки. Се проценуваат потребните количини за набавка на лекови, за да се намали потребата од интервентен увоз на лекови, но се прават и обиди за заштеда од неколку милиони евра со систем на централизирани набавки – изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Транспаретност и отвореност кон граѓаните најавија и директорите на ЕЛЕМ и на владината Службата за општи и заеднички работи.. Но така не мислат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека Владата на СДСМ е синоним за криминал и корупција.

- Министерството за здравство, АД ЕЛЕМ и Службата за општи и заеднички работи на Владата се институциите преку кои се извршија сомнителни тендери и се врши набавка на скапи јадења. Парите на граѓаните се трошат на милионски набавки, за кои однапред се знае која фирма ќе ги добие. Министерството за здравство е министерство преку кое се извршуваат сомнителни набавки од фирми чија управа е во роднински врски со раководни лица на болници.

АД ЕЛЕМ е компанија преку која се извршија најсомнителните набавки на криминалниот картел, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.